Претседателот на Шри Ланка, Маитрипала Сирисена, ги искористи своите овластувања во случај на вонредни ситуации и забрани било каква форма на прикривање на лицето во јавност.
Оваа мерка, која е објавена точно една недела по самоубиствените бомбашки напади во Шри Ланка, при што беа убиени 253 лица, ќе стапи на сила во понеделник, според изјавата од кабинетот на претседателот.
– Забраната е донесена за да се обезбеди националната безбедност. Никој не треба да го прикрива лицето и да биде тешко да се идентификува – се вели во соопштението.
Забраната подразбира дека муслиманките во таа земја нема да можат да носат никаб, кој прикрива се освен очите или бурка со која се прекрива целото лице, вклучувајќи ги и очите, појаснува „Дејли Мејл“.
Сепак, на жените им е дозволено да носат чадор или хиџаб, со кој лицето останува откриено, а се прекриваат косата и вратот.