Жените што ги напуштија родните земји за да се приклучат на Исламската држава (ИД) во Сирија, т.н. „невести на Исламската држава“ бараат да се вратат дома, со цел да живеат во побезбедна средина, пренесуваат светските медиуми. Две жени од САД и од Канада јавно упатија апел за помош, откако прашањето се актуелизираше со случајот на Шамина Бегум која побара да се врати во Велика Британија.
Хода Мутхана го напуштила нејзиниот дом во Алабама, САД, за да се приклучи на ИД во 2014 година, кога била на 19-годишна возраст. Таа била радикализирана преку Интернет, за потоа и самата да отвори твитер-налог преку кој повикувала на насилство. Мутхана имала три сопрузи поврзани со ИД откако стигнала во Сирија, а добила и еден син. Таа беше заробена од курдските сили во јануари годинава и сега престојува во бегалски камп. Мутхана изразила каење за нејзините постапки и желба да се врати во САД, правдајќи се оти и бил „испран мозокот“.
– Бевме во време на неукост, станавме џихадисти. Мислев дека постапувам исправно за божја волја. Сега гледам дека бев многу арогантна. Загрижена сум за иднината на син ми. На крајот не ми останаа многу пријатели – вели Мутхана.
Слична приказна има и Канаѓанката Ејми (34), која сака да се врати дома. Таа преминала во ислам откако стапила во брак со муслиман од Канада, со кого се преселиле во Сирија, заедно со нивните два сина. Нејзиниот сопруг бил убиен по што Канаѓанката се омажила за човек од БиХ, кој исто така загинал. Ејми, која сега е бремена, е сместена во бегалски камп во Сирија, заедно со нејзините два сина.
– Сметам дека треба да ми биде дозволено да се вратам дома. Мислам дека не сторив нешто лошо. Никого не убив, никого не повредив.
Две Французинки, пак, тврдат дека избегале од ИД и сакаат да се вратат дома.
– Бевме исплашени од борците на ИД. Тие ни се закануваа дека ќе не силуваат и убијат – тврди една од Французинките.
Матичните држави на припадниците на ИД треба да одлучат како ќе постапат со нивните граѓани, односно дали ќе им дозволат да се вратат дома, и под какви услови. Медиумите во САД бараат повратниците да бидат кривично гонети во случај на враќање дома.