Балтичкиот воздушен простор и регион е место на постојани воени, но и воздушни тензии меѓу Русија и НАТО. Сега, кога и двете страни спроведуваат воени вежби и сценарија за евентуален нивен судир крај Балтичко Море, според експертите, од една страна Русија го држи НАТО буден, а од друга Алијансата сака да ја покаже својата сила
Иако Студената војна со декади е завршена, изминатиов период личи токму на времето од воените тензии по Втората светска војна меѓу Истокот и Западот, бидејќи воените авиони на НАТО и на Русија извршија голем број меѓусебни провокации во воздушните простори над Европа. Имено, борбени авиони, на НАТО биле кренати најмалку десет пати за само шест часа во понеделникот за да пресретнат руски авиони. Овие информации ги објавија западните агенции, но и официјалната команда на Алијансата, каде што беше информирано дека авионите на НАТО неколкупати неделава ги пресретнале руските авиони во близината на својот воздушен простор над северниот Атлантик, Северно Море и Црно Море. Како што наведуваат новинските извештаи на оваа тема, воздухопловите на Северноатлантската алијанса изминатиов период биле на готовност како во воено време, за да одговорат на зголемената активност на руските авиони.
Според ставот на НАТО, иако руските авиони во ниеден момент не влегле во воздушниот простор на Алијансата, тие, сепак, не им испраќале кодови на транспондерите, што претставува потенцијален ризик за цивилните авиони. Биле пресретнати вкупно шест групи руски авиони.
– Норвешки борбени авиони „Ф-16“ пресретнаа два руски авиони „Ту-95“ во близината на норвешкиот брег. Во исто време руските авиони што летале над Северно Море ги пресретнале авиони на британските и белгиските воздухопловни сили. Ова не личи на ништо друго освен на покажување на својата воена надмоќ врз противникот – пишува „Брисел морнинг“.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, неделава дури апелира и до Москва да го продолжи дијалогот и да престане со провокациите додека официјален одговор од Русија засега нема, наведува медиумот.
Описот на настаните што го дава Алијансата личи на сценарио за филм што се занимава со времињата на Студената војна, анализира германски „Дојче веле“ за последните случувања на небото над Европа.
– НАТО наведува дека руски борбени авиони се откриени и во меѓународниот воздушен простор над Балтичко Море. Таму биле пресретнати од германски борбени џетови. Германската армија е задолжена да го надгледува воздушниот простор во тој регион. Со оглед на кризата во Украина, НАТО, меѓу другото, го зголеми бројот на набљудувачки летови во Источна Европа. Тоа е така бидејќи неделава два руски борбени авиони и бомбардери биле лоцирани и над Црно Море, по што од страна на НАТО за пресретнување биле вклучени дури и турски борбени авиони – пишува медиумот.
Инаку, испраќањето борбени авиони е стандардна постапка кога неидентификувани авиони се приближуваат во воздушниот простор на НАТО. Експертите проценуваат дека руските воени сили се обидуваат да откријат колку брзо и колку прецизно реагира западниот сојуз при повреда на воздушниот простор.
Во изминатиот период НАТО постојано ја обвинува Русија дека со своите активности го загрозува цивилниот воздушен сообраќај. Ненајавени летови се опасност за редовните воздушни линии. Само годинава околу стопати се пресретнати руски авиони, соопштува НАТО. Тоа е трипати повеќе отколку во целата 2013 година.