Полицијата на Малта го уапси познатиот бизнисмен Јороген Фенех, откако ја пресретнла неговата јахта. Фенех бил приведен од страна на вооружени полицајци, пренесе Би-би-си.
Тој е уапсен еден ден откако премиерот Жозеф Мускат изјави дека ќе размисли за помилување на осомничениот за перење пари, кој е обвинет дека бил посредник во убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција.
Галиција беше убиена во експлозија на автомобил-бомба во 2017 година.
Полицијата вчера соопшти дека уапсила маж осомничен за посредување во убиството на познатата новинарка која се бавеше со истражување на висока корупција, Дафне Каруана Галиција.
Се смета дека медијаторот го поврзал лицето осомничено за нарачување на нејзиното убиство со мажите обвинети за извршување на убиството, како и со оние кои ја набавиле експлозивната направа.
Весникот „Тајмс оф Малта“ во вторникот објави дека владата размислува за можност за помилување, доколку медијаторот ги предочи пред истражните органи организаторите на убиството, пренесува „Индекс“.
Каруана Галиција, која водеше блог за висока корупција, беше убиена од автомобил-бомба додека го напушташе својот дом во близина на главниот град Валета во октомври 2017 година.
Убиството ја шокираше Европа и отвори прашања за владеењето на правото на овој медитерански остров.
Тројца мажи осомничени дека го извршиле убиство беа уапсени во декември по злосторничкиот чин.
Премиерот Жозеф Мускат во неделата изјави дека сака да се дознае целосната вистина за убиството, дури и ако тоа значи дека владата мора да донесе тешки одлуки.