Претседавачката на Претставничкиот дом на Конгресот, Ненси Пелоси, го информира американскиот претседател Доналд Трамп дека нема да му биде дозволено да одржи говор пред ова тело, додека не заврши делумната блокада на работата на Владата. Во писмото испратено до Трамп, Пелоси наведува дека Претставничкиот дом нема да ја разгледа резолуцијата со која на претседателот би му било дозволено да го одржи традиционалниот говор, додека Владата не биде одблокирана.
Трамп вчера упати писмо до Пелоси во кое порачува дека би сакал традиционалното годишно претседателско обраќање пред Конгресот, познато како „За состојбата на Унијата“, да го одржи на 29 јануари.
– Би било тажно кога говорот за состојбата на Унијата не би се одржал навреме и што е уште поважно – на вистинското место – наведува Трамп во писмото.
Пелоси претходно го замоли Трамп да ја разгледа можноста за одложување на своето годишно обраќање пред Конгресот, со образложение дека постојат „потенцијални безбедносни проблеми“, поради делумната блокада на федералната администрација. Во согласност со Уставот на САД, претседателот е должен еднаш годишно пред Конгресот да поднесе извештај „за состојбата на Унијата“.