Северна Кореја лансирањето на два проектила со краток дострел гo нарече предупредување за поттикнувачите на војна од Јужна Кореја, пренесува Би-би-си.
Двата проектила со краток дострел беа лансирани и завршија во Јапонското Море, исто така познато како Источно Море, а беа лансирани од Вонсан, источниот брег на Северна Кореја.
Лидерот Ким Јонг-ун изјави дека овој чекор бил преземен откако Јужна Кореја и САД решиле да изведуваат воени вежби следниот месец. Лансирањето на проектилите е еден вид одбрана и предупредување кон нив.
САД и Јужна Кореја потврдија дека стануза збор за проектили со краток дострел, кои летале 690 километри пред да завршат во морето.
Ким Јонг-ун изјавил дека е задоволен од вежбите и дека би било тешко некој успешно да се одбрани од ваков вид напад. Јужна Кореја исто така не треба да го игнорира предупредувањето.
Веднаш по изведените тестови, Јужна Кореја и САД го повикаа Ким да се воздржи од понатамошни провокации, бидејќи тестовите не се во корист за олеснување на тензиите во регионот.
Ова, сепак, може да биде и обид од страна на Северна Кореја да се разнишаат односите помеѓу САД и Јужна Кореја.
Лансирањето на проектилите е прва ваква воена вежба по средбата на Ким и Трамп која се случи на 30 јуни во демилитаризираната зона што ги дели двете Кореи. Минатата година Северна Кореја се согласи да не тестира нуклеарно оружје и дека нема да лансира проектили. Сепак, сателитските снимки покажуваат движења на териториите за нуклеарно тестирање, што укажува дека е можно да транспортираат радиоактивен материјал.
Северна Кореја исто така продолжува да демонстрира развивање на нови оружја и технологии и покрај строгите санкции. На почетокот на неделава, Ким беше во посета на нов тип подморница, која според аналитичарите, може да биде опремена со балистички ракети.
За чудо, Трамп се уште е на страната на Ким и тврди дека тој не би сторил ништо што може да го загрози патот на неговата земја кон подобри меѓународни односи.