Почна судењето на поранешниот француски претседател Никола Саркози во Париз.
На Саркози му се суди за нелегално финансирање на изборната кампања, две недели откако во одделен случај беше осуден за корупција.
Саркози (66) не се појави на суд, јавија новинските агенции.
Поранешниот француски претседател е обвинет дека потрошил 20 милиони евра повеќе отколку што е законски дозволено во изборната кампања за новиот мандат во 2012 година.
Други 13 лица се обвинети за измама или помагање.
Таканаречената афера „Бигмалион“, именувана по агенцијата за комуникации која е инволвирана во случајот, вклучува издавање лажни фактури за да се одржат трошоците за кампања на Саркози под законскиот праг од 22,5 милиони евра.
Пресудата се очекува кон средината на април, но медиумите пишуваат дека судењето може да се одложи веднаш штом ќе почне затоа што му се слошило на еден од бранителите на Саркози.
На Саркози, кој ја водеше Франција од 2007 до 2012 година, му се заканува една година затвор и парична казна од 3.750 евра, пишуваат француските медиуми.
Поранешниот претседател веќе беше осуден на почетокот на март на три години затвор, од кои две беа условни, за случај на корупција.