Технолошките фирми преговараат со британските власти за создавање здравствени пасоши, кои би им помогнале на граѓаните побезбедно да се вратат на работа. Ваквите планови се соочени со разни правни и здравствени препреки

ПЛАНОВИ ВО БРИТАНИЈА ЗА БЕЗБЕДНО ВРАЌАЊЕ НА РАБОТНИТЕ МЕСТА

Британските власти и технолошките фирми развиваат планови за создавање здравствени пасоши за да им помогнат на граѓаните да се вратат безбедно на работа, користејќи тестови за коронавирус и технологии за идентификација.
Биометриски податоци за препознавање на лицето може да користат за да се обезбеди дигитален сертификат, понекогаш познат и како имунолошки пасош, кој ќе докаже кои вработени имаат ковид-19. Според властите, ова е еден од можните начини за ублажување на последиците врз економијата и врз компаниите, во периодот откако ќе се ублажат актуелните карантински мерки.

Компанијата „Онфидо“, која се занимава со проверка на идентитетот на луѓето со помош на биометриски податоци за препознавање на лицето, достави детални планови до британските власти и е вклучена во преговори за начинот на кој тие би можеле да се спроведат во целата земја. Нејзините предлози, кои веќе се во пилот-фаза во други земји, би можеле да бидат спроведени за неколку месеци. Фирмата може да користи тестови за антитела и за антигени за да се докаже дали некој го имал вирусот претходно или е заразен во моментот.

Сепак, британските власти се дистанцираат од изразот „имунолошки пасош“, бидејќи сѐ уште се анализираат доказите за тоа како се развива имунитетот кај лицата што имале ковид-19. Светската здравствена организација (СЗО) исто така предупреди за обидите да им се даде на луѓето лажно уверување преку издавањето имунолошки пасоши, пренесува „Гардијан“.
Изминатиот викенд, две фирми направија важен чекор напред во развојот на тестови за антитела. Швајцарскиот производител на лекови „Рош“ доби одобрение од американските власти за своите тестови, додека „Квоушнт“ објави дека нејзините машини имаат капацитет до 36.000 теста за антитела на ден и дека даваат резултати за 35 минути со точност од 99,8 отсто.

Сепак, ова се лабораториски тестови, што значи дека крвен примерок треба да земе здравствен работник и тој да се анализира на големи машини, што одзема време и ресурси. Целта е тестирањето за антитела да се спроведува преку комплети за тестирање слични на тестовите за бременост, кои би можеле веднаш да дадат резултати. Досега ниту еден од овие тестови не се покажа како доволно точен. Тие во 50 до 70 отсто од случаите даваат лажни негативни резултати.
„Онфидо“, кој е во преговори со британските власти за здравствените пасоши, вели дека со нивното решение би се вратила „нормалноста“ во економијата. Тие би ги користеле своите апликации за да се утврди идентитетот на лицето.

Од него би се барало да направи самослик и фотографија од пасош или возачка дозвола, а со технологиите би се утврдило дали тоа е вистинското лице со вистинските документи, со што би се создал дигитален идентитет. Лицето потоа би се тестирало за коронавирус од систем одобрен од властите. Кога лицето ќе оди на работа, ќе ја отвори апликацијата, ќе го слика своето лице и ќе добие код кју-ар, кој би бил скениран при влегувањето во фирмата и со него би се потврдило дека лицето е имуно и дека може безбедно да се врати на работа.

Експертите велат дека засега остануваат правните прашања за приватноста на луѓето, како и здравствените прашања за степенот до кој присуството на антитела во крвта обезбедува имунитет од ковид-19. Властите, пак, посочуваат дека продолжуваат да ги разгледуваат предложените системи.