Геополитичките аналитичари предупредуваат дека се наѕира нов конфликт на интереси меѓу светските суперсили, кој треба да се одигра во Иран и на Блискиот Исток
Свесни за сериозноста од губење на својата повеќедецениска глобална воена доминација, САД и администрацијата на Доналд Трамп преземаат низа решителни чекори насочени кон ограничување на експанзијата на Пекинг и на Москва на Блискиот Исток. Како директен показател на ваквата немоќ, во последно време за регионот сведочи и чекорот во кој Америка неодамна поднесе предолг до Советот за безбедност на ООН за резолуција за неопределено продолжување на забраната на извоз на оружје на Иран, со оглед на скорешното истекување на тековната резолуција за ова прашање. Овој чекор за Русија и за Кина во ист момент стана неприфатлив, додека Вашингтон со потегот ја оправдува својата желба да го сопре иранското однесување во регионот и неговото „спонзорство на тероризмот“.
Вакви констатации изнесува аналитичарот Зоран Метер во „Геополитика“ во текст посветен на последните случувања за превласт во глобалното влијание на Блискиот Исток. Како што наведува магазинот, ваквиот чекор на Вашингтон е превентива од можноста на Техеран да добие модерно оружје, кое може само дополнително да ја влоши ситуацијата и да ја загрози безбедноста на целиот регион.
Имено, американскиот државен секретар Мајк Помпео продолжува да го засилува дипломатскиот притисок врз Русија и врз Кина, во обид да пронајде и да обезбеди што е можно поширок спектар на држави на Блискиот Исток, но и низ целиот свет што ги поддржуваат плановите на Вашингтон. Секако, еден од нив и најважен е Израел, а потоа и Саудиска Арабија како арапски хегемон и како најголем и најважен извозник на нафта во светот.
Во своите настојувања на Вашингтон, меѓу другото, најважно е проширувањето на ембаргото за вооружување на Техеран. Државниот секретар Помпео како објаснување на американскиот став по ова прашање неодамна истакна дека доколку на Иран би му се овозможило да купува и да извезува оружје тоа би можело лесно да заврши во рацете на либанскиот Хезболах, јеменскиот Уаут, венецуелската армија, Сирија, но и во Авганистан.
Од друга страна, амбасадорот на Русија во ООН, Василиј Небенза, неодамна изјави дека Соединетите Американски Држави водат политика на „максимално задушување“ на Иран, за промена на режимот или за создавање ситуација во која Иран буквално нема да може да дише.
– Таквата политика е исто како ставање колено на грлото на еден маж – рече рускиот дипломат, очигледно алудирајќи на смртоносната операција од американскиот полицаец за убиство на Афроамериканецот Џорџ Флојд.
Како што посочува „Геополитика“, токму оваа меѓусебна реторика на двете најсилни воени сили во светот укажува на тоа колку се нарушени нивните односи денес, па затоа не е тешко да се претпостави дека, освен ако не постојат одредени, квалитативни промени на подобро во нивните политики тоа тешко може да заврши во нешто добро.
Според анализите на „Геополитика“, се разбира дека во сево ова дури и Техеран не стои настрана, но тивко набљудува сè. Тоа е така бидејќи, на крајот на краиштата, „тоа е неговата кожа“. Ова го потврди и во своја изјава неодамна иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, кој истакна дека Меѓународната заедница како целина и Советот за безбедност на ООН се соочуваат со важна одлука, а таа е дали ќе го зачуваат почитувањето на владеењето на правото или ќе се вратиме сите кон законот на џунглата и да се предадеме на желбите на криминалните хулигани. Според „Геополитика“, не е тешко да се претпостави кој иранскиот шеф на дипломатијата го сместува во оваа последна категорија.
За крај, како што се истакнува во анализата на „Геополитика“, масовното вооружување со современи видови оружје и непријателска реторика од сите страни не може да донесе ништо друго, освен нови длабоки кризи и воени конфликти во регионот на Блискиот Исток. И влоговите во овие конфликти би биле премногу големи за клучните надворешни играчи, па јасно е дека тие порано или подоцна би ескалирале на глобално ниво затоа што секој од нив би им помогнал на своите „пулени“ сè додека самите не треба директно да се вклучат во конфликти што се спротивни едни на други.