Кореја
Северна и Јужна Кореја, САД и Кина начелно се договорија да прогласат формален крај на Корејската војна. Ова вчера го изјави јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин. Според медиумите, иако преговорите меѓу двете земји допрва треба да започнат со посредништво на Вашингтон и на Пекинг, сепак позитивниот одговор од Пјонгјанг говори дека на повидок е крај на тензиите меѓу двете земји, кои траат уште од 1950 година.
Инаку, иако војната официјално заврши со примирје во 1953 година, сепак оттогаш, па до денес не бил потпишан мировен договор меѓу двете земји, а тој факт неколку децении создава огромни тензии на Корејскиот Полуостров. Според медиумите, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џон Ун во септември сигнализира дека нејзината земја може да биде отворена за преговори, но само доколку САД се откажат од, како што кажа таа, „непријателската политика“ кон Пјонгјанг.
Сепак, САД постојано повторуваат дека Северна Кореја мора прво да се откаже од своето нуклеарно оружје пред да бидат укинати какви било санкции и да се постигне конечен мир.
Подготвил: Дејан Србиновски