Британските и француските погранични власти само за еден ден уапсија 91 мигрант од Блискиот Исток во осум чамци во каналот Ламанш, при што огромното мнозинство од оние што биле приведени од страна на Британците се мажи, пренесува Би-би-си.
Четири чамци успеале да стигнат до брегот на Кент на југоистокот на Англија во понеделникот пред да бидат пресретнати од граничните сили на Велика Британија, а другите четири биле запрени од Французите во тесниот канал меѓу Велика Британија и Европа.
Британскиот Хоум офис потврди дека првиот чамец превезувал 13 мажи и две жени, а трите други чамци превезувале 30 мажи и две жени. Сите мигранти тврдат дека се од Ирак, Сирија, Кувајт и од Иран. Според Би-би-си, сите мигранти кои биле пресретнати во британските територијални води биле однесени во Довер и биле предадени на службата за имиграција и тестирани за Ковид-19.
Во меѓувреме, француските власти пресретнале уште четири мигрантски чамци со вкупно 44 мигранти, од кои сите се осомничени дека сакале нелегално да отпатуваат во Велика Британија.
Локалниот „Кент онлајн“ објави дека најновите илегални премини со чамци следуваат од неделата кога пограничните сили на Велика Британија пресретнале три чамци со 35 мигранти од Кувајт, Иран и од Ирак. Во петокот, Велика Британија пресретна пет чамци со вкупно 76 лица, повторно повеќето мажи, или 55, од Јемен, Кувајт, Иран и Ирак.
Овие 47 успешни нелегални влегувања и 44 обиди за влез се случуваат откако Најџел Фараж ги критикуваше мејнстрим медиумите за игнорирање на засилениот мигрантски бран во Ламанаш во ек на кризата со коронавирус. Со пресретнатите мигранти во понеделникот вкупниот број странци кои нелегално влегле во Велика Британија од воведувањето режим на ограничено движење достигна 568.
Фараж во неколку наврати ја осуди британската влада за затворање на својот народ притоа оставајќи ги границите ширум отворени и посочи дека додека естаблишментот зборува за режимот на ограничено движење, молчи за нелегалната имиграција.
– Пораката од владата на Борис Џонсон до оние кои моментално се сместуваат во Европа, но се решени да го најдат својот пат тука е гласна и јасна: нелегалната имиграција во Велика Британија сега вреди за цената што ја бараат бандите за шверц на луѓе – рече Фараж и ги критикуваше британските медиуми што не ја прашуваат министерката Прити Пател за порастот на бројот на илегалци кои влегуваат во земјата чамци и се потврдени случаи со коронавирус.
Тој предупреди дека ако Пател не стори нешто, илјадници други ќе пристигнат преку Ламанш, бидејќи оваа здравствена криза ќе продолжи во текот на летото.