Во одредени периоди од историјата, кога институциите и назначените лидери не се залагале и не преземале мерки, останувало на младите да реагираат. Тоа се случува повторно овие две недели, со истапувањето на шестнаесетгодишната Швеѓанка Грета Тунберг на глобалната сцена, со цел да го мобилизира светот во борбата против климатските промени, објавува Си-ен-ен.
Дејвид Герген и Џејмс Пилтч, новинари на Си-ен-ен, потсетуваат дека младите во Америка и пред 50 години беа обединети во ерата на Граѓанските права. Во мај 1963 година, илјадници млади луѓе во Бирмингем, Алабама, маршираа низ градот за да укажат на расната неправда.
На вториот ден од протестот, на кој повеќето беа деца, озогласениот расистички шериф Бул Конор кон толпата пушти голем број на агресивни полициски кучиња. Јавноста беше згрозена од сликите од таа вечер кои беа прикажани на телевизија.
Насилството продолжи сѐ додека Министерството за правда не се вмеша и стави крај на маршот. Но и покрај тоа што маршот престана, влијанието на Детската крстоносна војна од Бирмингем продолжи да се чувствува. Крстоносната војна ѝ пружи морална јасност на нацијата.
Успехот и инспирацијата од овие млади активисти се рашири насекаде во светот. Она што може да се прикаже како модерен (и меѓународен) еквивалент на Детската крстоносна војна од Бирмингем, сензација која директно и отворено говори, Грета Тунберг, минатата недела ги одведе децата на протест во Белата куќа и ќе предводи нов протест во Обединетите нации неделава.
Разговарајќи со возрасните кои се на власт денес, Грета упати предупредување.
– Ви снемуваат изговори, а на нас ни снемува време. Дојдовме тука за да ви кажеме дека промената доаѓа, без разлика дали тоа ви се допаѓа или не. Ние децата не треба да го правиме тоа. Но, бидејќи скоро никој не прави ништо, а нашата иднина е во опасност, се чувствуваме како да мора да продолжиме. Ние децата го правиме ова затоа што сакаме да си ги вратиме нашите надежи и соништа – кажа младата Швеѓанка.