Координираните експлозии во елитните хотели и цркви во Шри Ланка вчера убија најмалку 290 луѓе и повредија уште 500, на денот кога католиците го слават Велигден, во напад кој официјалните лица го нарекоа „најнов тип на тероризам“, јавува Си-ен-ен.
Полицијата на островот во Јужна Азија уапси 24 лица поврзани со бомбашите-самоубици кои го предизвикаа најстрашниот напад по граѓанската војна во Шри Ланка која заврши пред 10 години.
Иако ниту една група не презема одговорност за нападите, министерот за одбрана на Шри Ланка Руван Вијевардене рече дека „терористичкиот инцидент“ бил спроведен од страна на луѓе кои следат „религиски екстремизам“.
Како што констатираат од Си-ен-ен, во земјата постои група која претходно уништувала статуи на Буда за која властите се запознаени, но неверојатно е да се верува дека тие имаат капацитет или соодветна организација да го спроведат нападот без помош од други групи.
И додека е познато дека има транснационално присуство на радикални исламисти во земји како Пакистан, Малезија и на Филипините, надлежните велат дека многу малку се знае за исламскиот радикализам во Шри Ланка, односно дека е прерано да се шпекулира за тоа која организација била вклучена во масовните убиства.
Слични напади како оние во Шри Ланка, во црквите преполни со католички верници на Велигден и во три хотели со пет звезди наменети за странски туристи, и претходно се случуваа во повеќе региони во Азија во изминатите години.
Во јануари оваа година, Исламска држава (ИД) презема одговорност за напад кој уби најмалку 20 лица на Филипините. Нападот исто така беше спроведен во недела, денот кога верниците се собираат за миса.
Во мај 2018 година, исто така ИД презема одговорност за напади на три цркви во Индонезија, каде загинаа најмалку 12 лица и уште толку беа повредени. Додатно, во 2017 година, една недела пред Велигден, радикалнизираните исламисти убија најмалку 49 верници кои беа собрани за миса во две цркви во Египет.
Падот на калифатот на ИД во Ирак и Сирија предизвика масовно враќање на околу 5.600 странски борци во нивните родни земји уште од октомври 2017 година.
Овој нов тип на тероризам, како што властите во Шри Ланка го нарекоа, може да се поврзе и со нападите на двете џамии во Крајстчрч, Нов Зеланд, каде што загинаа 50 лица и уште толку беа повредени. Во изминатата деценија, можат да се избројат голем број на напади од страна на екстремисти или екстремистички религиозни групи врз верските објекти. Претходно, „Асошиејтед прес“ направи листа на најсмртоносните напади од ваков тип во последниот период.
31 октомври 2010: Милитанти на Ал-Каеда во Ирак ја нападнаа католичката црква во Багдад за време на неделна миса. Во овој напад загинаа 58 луѓе, а потоа е констатирано дека ова е најсмртоносен напад врз христијани од 2003 година во оваа земја. Ал-Каеда во Ирак потоа се трансформираше во Исламската држава (ИД).
15 декември 2010: Двајца бомбаши-самоубици од сунитската екстремистичка група Џундулах се разнесоа во близина на џамија во југоисточен Ирак. Во нападот загинаа и шест командири на Револуционерната гарда во државата.
5 август 2012: Шест члена на Храмот на сиките во сојузната држава Висконсин, САД, во местото Оук Креек, беа убиени од страна на Вејд Мајкл Пејџ, радикален десничар и расист. Брзо по убиствата, Пејџ беше погоден од полицијата и тој самиот си го одзема животот.
18 ноември 2014: Двајца Палестинци со секири, ножеви и пиштол убија четири верници и припадник на полицијата на Израел пред синагога во Ерусалим.
30 јануари 2015: Во самоубиствен бомашки напад во шиитската џамија во пакистанскиот град Шикарпур загина 71 верник. Организацијата Џундулах презема одговорност за нападот.
20 март 2015: Бомбаши-самоубици на Исламската држава нападнаа неколку џамии во главниот град на Јемен, каде загинаа 137 верници.
17 јуни 2015: Девет верници од афро-американско потекло, вклучувајќи и еден свештеник се убиени од страна на радикалниот десничар и расист Дилан Руф (21). Во местото Чарлстон во јужна Калифорнија, Руф ја завршил молитвата, а потоа ги езгекутирал верниците. Тој е осуден за злосторство од омраза и обстукција на религија, а потоа е осуден на смртна казна од страна на надлежните власти.
24 септември 2015: Бомбаш-самоубиец се разнесува во џамија во главниот град на Јемен, убивајќи 25 верници за време на муслиманскиот празник Курбан Бајрам.
12 ноември 2016: Член на Исламската држава убива над 50 луѓе во верски објект во провинцијата Балучистан во Пакистан.
11 декември 2016: Бомбаш-самоубиец активира бомба која ја носи на себе во катедралата Свети Марко, која е дел од коптската православна црква во Египет. Исламска држава презема одговорност за нападите во кои загинаа најмалку 25 луѓе.
16 февруари 2017: Најмалку 98 лица загинаа во пакистанската провинција Синд, откако бомбаш-самоубиец активира бомба во храмот Лал Шабаз Каландар.
9 април 2017: Два координирани бомбашки напади во египетските градови Александрија и Танта загинаа најмалку 45 луѓе. Одговорност за нападот преземаа екстремисти на Исламската држава.
5 ноември 2017: Целосно облечен во воена опрема и вооружен со автоматско оружје, Девин Кели (26) отвори оган на баптистичка црква во Сутерленд спрингс, во сојузната држава Тексас во САД. Тој застрела 26 луѓе, а ранети беа околку 20 лица.
24 ноември 2017: Милитанти убија 311 верници во џамија во северен Синаи. Ова беше најсмртоносниот терористички напад во модерната историја на Египет.
17 декември 2017: Исламска држава нападна црква во пакистанскиот град Куета, каде загинаа 16 лица.
27 октомври 2018: Вооружен напаѓач кој претходно ширел антисемитистички пораки и реторика на социјалните мрежи, нападна синагога во градот Питсбург во САД и застрела 11 лица, а рани шетири лица, вкучувајќи четворица полицајци.
15 март 2019: Најмалку 40 лица се убиени во координирани напади на џамии во градот Крајстчрч на Нов Зеланд.
21 април 2019: Околу 290 луѓе се убиени, а 500 повредени во напади на неколку цркви и хотели во Шри Ланка.