Оваа недела во Полска стапува на сила нов закон со кој се укинува данокот на доход за околу 2 милиони млади работници. Според Си-ен-ен, ова е последен обид од Владата да го спречи најголемиот бран на масовно иселување на млади Полјаци уште од нивното влегување во Европската Унија пред 15 години.
Премиерот Матеуш Моравиечки изјави дека ослободување од данокот ќе отвори нови можности за младите луѓе, слични на оние како во западните земји.
Полјаците под 26 години кои заработуваат помалку од 85.528 полски злоти (22.547 долари) годишно ќе бидат ослободени од законската обврска за плаќање на данок на доход од 18 отсто, мерка која започнува на 1-ви август. Според експертите, ова е многу големо олеснување за младите поради фактот што просечната плата во земјата е под 60.000 злоти.
Според проценките на владата, околу 2 милиони ќе можат да ја искористат оваа мерка.
Кога Полска и седум други централно и источно европски земји влегоа во ЕУ во 2004 година, граѓаните добија можност и право легално да работат во земјите во блокот, без да имаат потреба од работна дозвола или виза.