Седумгодишно девојче од Гватемала кое со татко ѝ нелегално ја минало границата меѓу Мексико и САД, починало неколку часа откако било притворено од американските власти. Како што пренесуваат повеќе медиуми, девојчето било дел од мигрантски караван кој нелегално влегол на територијата на САД и причините за нејзината смрт биле дехидратација и голем шок врз организмот, пренесува „Вашингтон пост“. Според информациите, таа неколку дена не консумирала ниту храна ниту вода. Властите во САД досега не дадоа официјална изјава за смртта на девојчето.
Ова не е прв смртен случај за кој мигрантите ги обвинуваат американските гранични служби и нивните практики на справување со луѓето од караванот од Централна Америка.
Јазмин Хуарез ја тужи владата на САД барајќи отштета од 60 милиони долари, по смртта на нејзината ќерка, која наводно, била резултат на отсуство на итна медицинска грижа. Според тврдењата на мајката, медицинскиот персонал не и пружил помош на нејзината 19-месечна ќерка во Центарот за семејно сместување во Дилеј, Тексас, што придонело за смртта на детето. Трагичниот настан се случил во мај, шест недели откако мајката и детето биле пуштени од Центарот.
Најновите мигрантски трендови во Северна Америка покажуваат дека илјадници мигранти се движат од Централна Америка преку Мексико до границата со САД. Мигрантите велат дека на овие макотрпни и долги патувања бегаат од прогонот, сиромаштијата и насилството во нивните родни земји Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор.
На многу од овие мигранти цел им е да влезат на територијата на САД, и покрај тоа што властите во оваа земја во повеќе наврати предупредија дека секој што нелегално ќе влезе на низна територијата ќе биде уапсен, прогонет и депортиран.
Тензиите се зголемени на границата меѓу САД и Мексико откако на ова место дојдоа околу 7.500 мигранти во последните неколку недели. Минатиот месец, американските гранични агенти користеле солзавец врз групи мигранти во кои имало и деца, за да ги сперачат во обидите за преминување на границата.
Мигрантите од Централна Америка изминатиот период патуваат во огромни групи наречени каравани и заедно минуваат повеќе од четири илјади километри. Во овие групи има голем број на семејства со деца. Поголем број на мигранти кои не можат да ја минат границата остануваат во привремените засолништа во граничните градови Тихуана и Мексикали.