Најмалку 97 лица загинаа во изминативе три дена во судири меѓу припадници на сирискиот огранок на Ал Каеда и на протурска бунтовничка група во севените и северозападните делови на Сирија, соопшти денеска Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.
Мониторинг организацијата, чие седиште е во Лондон, информира дека станува збор за судири во провинциите Алепо, Идлиб и Хама меѓу борци на сирискиот огранок на Ал Каеда, Организацијата за ослободување на Левантот (ХТС), чие поранешно име беше Фронт ал Нусра, и на припадници на бунтовничката група Фронт за национално ослободување (НЛФ), што ја има поддршката на Турција.
Според Центарот, во судирите загинале 49 припадници на ХТС, 40 на НЛФ и 11 цивили, меѓу кои и три деца.
Судирите започнале пред три дена во северната провинција Алепо, за потоа да се прошират и во Идлиб во северозападна Сирија и во Хама во централниот дел на земјата.
При судрите борците на сирискиот огранок на Ал Каеда освоиле територии под контрола на НЛФ во Идлиб, вклучително и 11 села.
Претставник на НЛФ во изјава за ДПА вели дека борците на групата се ставен во состојба на „зголемена готовност“ и дека денеска на пладне започнале противнапад врз позициите на ХТС.
Според локални извори, ХТС ги започнала нападите, откако голем дел од борците на НЛФ се префрлиле во реонот на градот Манбиџ во северна Сирија, каде Турција се подготвува за офанзива против припадниците на групата Сили за заштита на народот на сириските Курди. Анкара ја смета оваа група за сириски огранок на Курдската работничка партија (ПКК), која се бори за автономија на турските реони населени со Курди.