Нарушувањето на основните здравствени услуги е најголемата криза со која се соочуваат децата уште од Втората светска војна, нагласува агенцијата на ОН

УНИЦЕФ ПРЕДУПРЕДУВА

Најмалку 6.000 деца би можело да умираат секој ден во наредните шест месеци во светот од фактори што може да се спречат, поради негативното влијание на коронавирусот врз основните здравствени услуги, предупредуваат од ОН.
Глобалното нарушување на основните здравствени услуги за мајките и децата, како што се планирањето на семејството, породувањето, постнаталната грижа и вакцинациите, може да доведе до дополнителни 1,2 милион смртни случаи кај деца помали од пет години само за шест месеци, според анализата на школата за јавно здравје „Блумберг“ при „Џонс Хопкинс“, која е објавена во научното здравствено списание „Лансет“.

Оваа проектирана бројка е дополнување на бројот од 2,5 милиони деца што умираат на глобално ниво во период од шест месеци пред да го доживеат својот петти роденден, а се заканува да го запре деценискиот напредок во однос на намалувањето на смртноста кај децата од причини што може да се спречат, соопшти агенцијата на ОН за деца (УНИЦЕФ).

– Оваа пандемија има далекосежни последици за сите нас, но тоа е несомнено најголемата и најитна глобална криза со која се соочуваат децата уште од Втората светска војна. Животите на децата се нарушени во целиот свет, системите за нивна поддршка се погодени, границите се затворени, образованието е загубено, снабдувањето со храна е прекинато – нагласи извршната директорка на УНИЦЕФ, Саша Дешмух.

Истражувањето нагласува колку коронавирусот го нарушил медицинскиот синџир во земји со веќе слаби здравствени системи. Посетите на здравствените центри се намалуваат поради карантинските мерки, полициските часови и блокирањата на сообраќајот, додека луѓето се плашат од инфекции, се вели во извештајот.
Анализата, која опфаќа три моделирани сценарија во земјите со ниски и средни приходи, предупредува дека во најоптимистичкото сценарио, каде што здравствените услуги се намалени за околу 15 отсто, би имало зголемување на смртните случаи кај деца под пет години од 9,8 отсто, односно околу 1.400 на ден, како и скок од 8,3 отсто кај смртните случаи кај мајките. Во најлошото сценарио, каде што здравствените услуги се намалени за околу 45 отсто, може да има зголемување на смртните случаи кај деца под пет години за дури речиси 45 отсто, како и зголемување од речиси 39 отсто на смртноста кај мајките на месечно ниво.

– Истражувањето покажува дека ако основната здравствена заштита е нарушена и пристапот до храна е намален, како резултат на неизбежни шокови, колапс на здравствениот систем или намерни избори направени како одговор на пандемијата, зголемувањето на смртноста кај децата и мајките ќе биде погубно – заклучуваат истражувачите во извештајот што го пренесува „Гардијан“.
Како што посочува Тања Чапуисат, претставничка на УНИЦЕФ во Јордан, затворените граници ги спречија луѓето да пристапат до неопходната медицинска помош.

– Околу 10.000 Сиријци по должината на сириско-јорданската граница не беа во можност да добијат никакви медицински услуги во Јордан, бидејќи карантинските мерки почнаа пред шест недели и границата беше затворена. Децата не ги добиваат потребните вакцини, а жените што требаше да се породат со царски рез не беа во можност да го сторат тоа. Имавме многу непроспиени вечери, но, за среќа, никој не почина – вели таа.

Десетте земји за кои се прогнозира да имаат најголем дополнителен број смртни случаи на деца при најлошо сценарио се Бангладеш, Бразил, ДР Конго, Етиопија, Индија, Индонезија, Нигерија, Пакистан, Танзанија и Уганда.