Неколку илјади американски пожарникари седми ден се борат со големите шумски пожари во Калифорнија, додека спасувачките тимови се обидуваат да ги пронајдат телата на евентуално новите жртви од огнената стихија, која веќе зеде најмалку 50 животи.
Откриени се тела на уште шест лица во Парадајз, град кој е речиси целосно изгорен и од каде се 48 од 50 жртви.
На северот на државата, пожарот наречен „Камп Фајр“ уништи 50.600 хектари, а совладен е само во ниво на 35 отсто, покажуваат податоците на калифорниските пожарникари. Повеќе од 6.500 куќи и 260 продавници изгореа од минатиот четврток, кога почна да се шири пожарот. Повеќе од 5.100 пожарникари се распоредени за гаснење на тој пожар, најсмртоносен во историјата на Калифорнија.
Неколку стотици километри појужно, пожарот „Вулси фајр“ уништи 39.300 хектари во близина на Лос Анџелес, каде загинаа најмалку две лица. До вчера беше изгаснат само во ниво од 40 отсто. Речиси 3.600 пожарникари се борат со огнената стихија која ги уништи домовите и на неколку славни личности.
Повеќе од 250 илјади лица добија наредба да ги напуштат своите домови во поширокото подрачје на Сакраменто, како и во Малибу и околината.
Засега не се утврдени причините за двата пожари.