Најмалку 27 луѓе се убиени, а 91 се ранети во судирите меѓу спротивставените милиции што избувнаа оваа недела во либискиот град Триполи, наведуваат од либиското Министерство за здравство.
Повеќето жртви се цивили, а многу починале од здобиените опекотини.
Судирите избувнаа во понеделникот меѓу милициите во јужниот дел на Триполи. Примирје беше прогласено во среда вечер.
Во Либија во моментот постојат две конфронтирани влади, една со седиште во Триполи која е поддржана од ОН и друга во градот Тобрук, на истокот на земјата.
Фајез Серај, премиер на владата од Триполи, повика синоќа на почитување на примирјето.
– Треба да ги прифатиме компромисите и да престанеме да размислуваме за категориите победници и поразени. Победник треба да биде државата Либија, а не одредени групи луѓе или одредени градови – рече Серај во телевизиско обраќање.
Тој го повика избраниот парламент во Тобрук да го забрза усвојувањето на закони потребни за одржување на избори кои би требало да се одржат кон крајот на годината.
Во мај на состанокот во Париз конфронтираните либиски влади договорија одржување на парламентарни и претседателски избори на 10 декември.
Завојуваните милиции продолжуваат со борбите за контрола над клучните подрачја, додека Исламска држава често изведува напади.
Либија потона во хаос откако долгогодишниот владетел Моамер Гадафи беше соборен и убиен во востанието од 2011 година.