Најмалку 13 пациенти загинаа во пожарот во одделот за интензивна нега на повеќекатната болница за Ковид-19 во крајбрежниот индиски град Вирар, 70 км северно од Мумбај, пренесува РТ.
Пожарот избувнал околу 3 часот наутро по локално време во петокот во одделот за интензивна нега на приватната болница „Вихај Валаб“, во која се сместени околу 90 пациенти.
За време на пожарот, на лекување во одделот биле18 пациенти, но само петмина го преживеале инцидентот и биле пренесени во блиските болници. Останатите 13 пациенти, меѓу кои пет жени и осум мажи, загинаа во пожарот.
Покрената е истрага за тоа што можело да го предизвика пожарот, а главниот министер на Махараштра, Удав Такерај, рече дека ги упатил официјалните лица да проверат и дали болницата работела во согласност со правилата за заштита од пожар.
Известено е дека пожарот можеби бил предизвикан од краток спој во климатизационата единица што на крајот довело до експлозија. На пожарникарите им беа потребни околу два часа да го изгаснат пожарот.
Премиерот на Индија, Нарендра Моди, изрази сочувство до семејствата на жртвите, нарекувајќи го инцидентот трагичен и вети дополнителна компензација за оние кои ги загубија членовите на семејството или беа повредени во пожарот.
Инцидентот се случува во момент кога болниците низ Индија се соочуваат со недостиг од кислород при наплив на заразени со Ковид-19, за кој се верува дека е поттикнат од новиот двоен мутантен вид. Во четвртокот, Њу Делхи забрани снабдување со кислород за индустриски цели со цел да се обезбеди надополнување на исцрпените резерви од течен кислород во болниците.
Во петокот, Индија го собори сопствениот глобален рекорд за дневни случаи со коронавирус, пријавувајќи 332.730 заразени во споредба со 314.835 нови случаи претходниот ден.