На островот повеќе нема знаци на живот, според полицијата на Нов Зеланд
Најмалку пет лица настрадаа, а повеќе други се водат како исчезнати по ерупција на вулкан на Белиот Остров. На островот повеќе нема знаци на живот, соопшти вчера полицијата на Нов Зеланд.
– Полицијата верува дека секој што бил извлечен жив од островот бил спасен при евакуирањето. Според информациите што ги имаме, не веруваме дека на островот има други преживеани – се вели во соопштението.
Властите нагласија дека итно работат на утврдување на конечниот црн биланс, откако потврдија дека има најмалку пет жртви. Тие претходно нагласија дека во моментот на ерупција на островот најверојатно имало 27 лица. Полицијата првично објави дека на островот имало околу 100 лица, а потоа го ревидира бројот на околу 50 лица. Медиумите во Нов Зеланд објавија дека се спасени над 20 лица и дека некои од повредените се во критична состојба. Меѓу туристите на островот имало и најмалку 20 Австралијци, пренесе „Гардијан“.
Спасувачките екипи претходно посочија дека не можат да пристапат на островот поради ризик од дополнителни ерупции. Армијата објави дека ќе испрати беспилотни летала штом ќе се создадат услови за такво нешто.
Белиот Остров е најактивниот вулкан во Нов Зеланд. Приватниот остров е туристичка дестинација со дневни тури и летови околу вулканот.
Вулканската ерупција на Белиот Остров почнала околу 14 часот по локално време. Посетителот Мајкл Шејд, кој бил на брод што го напуштил островот по утринската тура, снимил густ пепел и чад како избива од вулканот. Тој изјави дека бил во кратерот на вулканот само 30 минути пред ерупцијата.
– Тогаш сѐ уште беше безбедно, но се обидоа да го ограничат бројот на групи што го посетуваат вулканот. Само што се качивме на бродот, некој покажа кон вулканот и сите се свртевме кон него. Бев шокиран. Бродот се сврте назад и качивме уште неколку луѓе на пристаништето – изјави Шејд.
Друг сведок, Бразилецот Алесандро Кауфман, за малку ја промашил ерупцијата.
– Имаше две тури. Првата беше нашата. Заминавме пет минути пред да еруптира вулканот. Другата група што стигна по нас, за жал, не успеа да го напушти островот навреме и некои луѓе претрпеа сериозни изгореници – посочи тој.
Камера што ги пренесувала во живо случувањата од вулканот прикажала група посетители во кратерот пред самата ерупција, пренесе Би-би-си.
Веб-страницата Геонет, за набљудување геолошки опасности, на 3 декември предупреди дека „вулканот може да влегува во период кога еруптивната активност е поверојатна од нормалната“, но додаде дека „сегашното ниво на активност не претставува директна опасност за посетителите“.
Џен Линдзи, професорка од Нов Зеланд, вели дека нивото на тревога неодамна било подигнато на повисоко и дека сите биле свесни за тоа. На прашањето дали требало да им биде дозволен пристап на посетители на островот, таа вели дека тоа е тешко прашање на кое не може да даде конкретен одговор.
– Тоа е приватен остров и има многу приватни туроператори. Островот не е дел од конзервациските области и не е под државна контрола. Геолошкиот институт на Нов Зеланд подготви билтени за предупредување и има добра комуникација со туристичките компании и тие знаат за каков ризик станува збор – вели таа.
Белиот Остров имал повеќе ерупции во изминатите години, но досега никој не бил повреден. Претходната ерупција пред најновата била во 2016 година.