Ретки шлемови, оружје и униформи во вредност од над 1,5 милион евра биле украдени од два холандски музеја посветени на Втората светска војна.
Оружје и униформи биле украдени од музејот во Бик и пред две недели од музејот „Осендрехт“ на југот на Холандија, изјави Јанеке Кенис, портпаролка на музејот „Оверлон“.
– Не веруваме дека ќе ги понудат украдените предмети отворено за продажба преку интернет бидејќи целото оружје е нумерирано и ова се уникатни парчиња што веднаш ќе бидат препознатливи – оцени таа.
Откри дека крадците биле одлично подготвени и се чини дека ги украле експонатите за приватни колекционери.
– Тие веројатно ги обиколиле музеите и ги снимале местата каде што имало за нив интересни експонати, имале список и сè нaправиле многу професионално – објасни Кенис.
Од воениот музеј во Бик предметите биле однесени во неколку возила кога разбојниците ја пробиле вратата во дворот, а потоа и влезот во зградата. Музејот во Бик во својата поставка ја имал приказната за германскиот падобранец Август Сегел, раскажана преку 150 костимирани ликови.