Санкциите на Вашингтон кон Венецуела и обвинувањата на Николас Мадуро насочени кон САД во врска со нивните наводни мотиви поврзани со кризата во јужноамериканската држава, имаат еден заеднички именител – нафтата, според анализите во светските медиуми.
Мадуро посочи дека лидерите на американската „империја“ коваат заговор за доаѓање до венецуелската нафта, исто како што тоа го сторија во Ирак и во Либија, во неговото обраќање објавено во четириминутна видео-снимка, пренесува „Гардијан“.
– Нема да дозволиме Виетнам во Латинска Америка. Ако САД имаат намера да интервенира против нас, тие ќе добијат полош Виетнам одошто можат да замислат. Ние не дозволуваме насилство. Ние сме мирен народ. Барам Венецуела да биде почитувана и ја барам поддршката од американскиот народ, за да не дојде до нов Виетнам – истакна Мадуро, додавајќи дека е подготвен да разговара со опозицијата, заради иднината и добросостојбата на Венецуела.
Постапувањето на САД со Венецуела претставува еден од најотворените обиди на Вашингтон за промена на државен режим во Латинска Америка во последните неколку децении. Во прилог на ваквите тврдења оди признавањето на Хуан Гуаидо како легитимен претседател на Венецуела од страна на администрацијата на Доналд Трамп и наметнувањето на санкциите чија цел e пресекување на значителниот извор на државните фондови на Николас Мадуро, преку ограничувањето на продажбата на нафта во САД, пишува „Њујорк тајмс“.
Уште е нејасно какви ќе бидат економските последици од санкциите, но постои загриженост и дека нацијата ќе западне во хаос. Економските експерти се согласни оти санкциите ќе ја ограничат финансиската моќ на Мадуро, како и дека значително ќе ја засилат најголемата светска инфлација, ќе создадат уште поголем недостиг на гориво и ќе ја загрозат способноста на Венецуела да дистрибуира храна. Токму санкциите наметнати врз венецуелската државна нафтена компанија ПДВСА ја поттикнаа борбата за власт во државата.
Извозот на сурова нафта од Венецуела во САД двојно се намали во последните шест години, но 500-те илјади барели дневно кои Венецуела ги продава на Америка претставуваат 40 отсто од извозот на нафта на јужноамериканската држава. Околу 90 отсто од државните приходи на Венецуела доаѓаат од извозот на нафта. Експертите предвидуваат дека загубите во извозот, предизвикани од санкциите, ќе надминат 11 милијарди долари во наредната година. Познавачите на состојбата наведуваат дека најголемата ранливост на Венецуела претставува недостигот на гориво, додека нејзините пет рафинерии работат со 20 отсто од капацитетите. Венецуела продава 300 илјади барели дневно на Индија, 240 илјади барели дневно во Кина, а врши и продажба во Европа и во југоисточна Азија.
Санкциите не забрануваат американски увоз на нафта, но налагаат парите од продажбата да одат на сметки кои не се достапни за Мадуро. САД планираат да ги направат овие средства достапни на лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо, кој прави напори за внесување хуманитарна помош во Венецуела. М.Ж.