Два нови третмани против ебола се покажаа толку ефикасни што им се нудат на сите пациенти во Демократска Република Конго, каде што сегашната епидемија на болеста е втората најсмртоносна досега.
Првите резултати од тестирањето на лековите покажуваат дека научниците се еден чекор поблизу до искоренување на болеста од која од минатото лето во Конго загинаа над 1.800 луѓе.
– Отсега, повеќе нема да велиме дека ЕВД (болест на вирусот ебола) е неизлечива – рече Жан-Жак Мијембе-Тамфун, генерален директор на федералниот институт за медицински истражувања на ДРК. Тој додаде дека најновото решение, во иднина, ќе помогне во спасување илјадници животи.
Првичните резултати откриле дека 499 пациенти кои ги примиле двата третмани имале поголема шанса за преживување. Двата ефикасни лекови покажале уште подобри резултати кај пациентите кои биле лекувани рано, рече Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергија и заразни болести (НИАИД) и еден од истражувачите што го водеше тестирањето.
– Тоа значи дека сега имаме лек за болеста, за која не многу одамна, воопшто немавме терапевтски пристап – рече Фаучи на прес-конференција.
Истражувачите потенцираа дека ова се првични резултати и дека се потребни дополнителни истражувања.