Алијансата засега не е заинтересирана за прием на Украина во своите редови, бидејќи не сака да влегува во директен судир со Москва, порача советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Роберт О`Браен
Администрацијата во Вашингтон испрати отрезнувачка порака до властите во Украина, во однос на изгледите на земјата да стане дел од НАТО. Советникот за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп, Роберт О`Браен, порача дека Алијансата засега не е заинтересирана за прием на Украина во своите редови, бидејќи не сака да влегува во директен судир со Русија, пренесуваат светските медиуми.
О`Браен во текот на викендов учествуваше на безбедносен форум во канадскиот град Халифакс, каде што директно беше запрашан дали НАТО треба поактивно да ја „држи Украина подалеку од руската агресија“ .
– Што се однесува до НАТО и Украина, не мислам дека тоа сега е на дневен ред. Русија фактички е во судир со Украина. Не мислам дека за НАТО ќе биде привлечно да ја прими Украина во своите редови и да стапи во директен судир со Русија – истакна советникот за Трамп.
Истовремено, О`Браен јасно порача дека Западот не сака судир со Русија и дека НАТО е создадено да не го дозволи таквиот судир. Тој, сепак, потврди дека САД и натаму ќе ја поддржуваат Украина во нејзиното спротивставување на Русија.
Од друга страна, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, минатата седмица ги повика членките на Алијансата да обезбедат повеќе ресурси за поддршка на Украина и на Грузија. Столтенберг укажа на нивната важност за западната воена алијанса во регионот на Црно Море.
Првиот човек на НАТО неодамна одржа говор пред украинскиот парламент, кој предизвика остри реакции на руските власти. Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Русија, Константин Косачев, оцени дека со пораката дека сите членки на НАТО ја поддржуваат Украина и дека се на нејзина страна, Столтенберг ја поткопа можноста Брисел да дејствува како посредник или, пак, како независна страна.
Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, порача дека целта на посетата на генералниот секретар на Алијансата е да се охрабрат евроатлантските инспирации на Киев во духот на букурешкиот самит на НАТО во 2008 година.
– Алијансата продолжува да се однесува деструктивно, да работи кон ескалација на ситуацијата, наместо кон помирување. Нејзините чекори придонесуваат за зголемување на тензиите со, меѓу другото, ветувањето до Украинците дека НАТО секогаш ќе биде на нивна страна. Очигледен е дестабилизирачкиот ефект на воената поддршка на НАТО за Киев врз ситуацијата во Украина – истакна Захарова.
Таа посочи на опасноста на реториката на првите луѓе на западната воена алијанса.
– НАТО не може да ги реши постојните проблеми на Украина, како што се националното помирување, борбата против корупцијата, стабилизирањето на ситуацијата на Истокот. Напротив, ако се земат предвид историското искуство на проширувањето на Алијансата и нејзините „хуманитарни интервенции“, повиците до Киев да побрза во евроатлантската „прегратка“ провоцираат распаѓање на земјата, ги продлабочуваат линиите на поделба во Европа и придонесуваат за пораст на интеретничките и другите тензии – предупреди Захарова.