Пред 20 години Америка почна мисија за преобликување на светскиот поредок по нападите на 11 септември. Денеска е лесно да се заклучи дека нејзината надворешна политика беше отфрлена на пистата на аеродромот во Кабул. Американскиот претседател Џо Бајден кажа дека повлекувањето од Авганистан беше поради ставање крај на ерата на далечни војни, но тоа ги остави американските сојузници вознемирени, а непријателите радосни. Повеќето Американци се изморени од ваквата ситуација, за која над две третини сметаат оти не вредела. А сепак, националното расположение на замор и апатија е нејасен водич за идната улога на САД во светот. Капацитетите на Америка остануваат силни, а нејзината стратегија би можела да биде прилагодена на 21-от век, доколку ги извлече вистинските лекции од ерата по 11 септември, пишува „Економист“.
Загинувањето на три илјади луѓе на американска територија испровоцира реакција која го потенцираше униполарниот момент на Америка. Извесно време изгледаше дека САД имаат неприкосновена моќ. А тогашниот претседател Џорџ В. Буш истакна дека светот е или со Америка, или против неа. НАТО соопшти дека нападот врз кулите близначки во Њујорк е напад врз сите негови членки. Владимир Путин вети руска воена соработка, а тогашната американска советничка за национална безбедност Кондолиза Рајс, ја опиша ситуацијата како „вистински крај на Студената војна“.
Леснотијата со која силите предводени од Америка ги совладаа талибанците претставуваше знак за појава на нов вид на војување. Кабул падна 63 дена по 11 септември. Напорите против тероризмот напредуваа, Осама бин Ладен беше убиен, а потоа не беше извршен ниту еден сличен напад врз Америка. Но, најголемиот дел од наследството од одговорот на САД по 11 септември е со горчлив вкус.
– Мисијата за уништување на Ал каеда се претвори во желба за промена на режимите и за обнова на нациите, што даде неубедливи резултати во Авганистан и во Ирак, по висока цена платена во човечки животи и огромни суми на пари. Америка го скрши табуто на измачување на непријателите и ги загуби моралните стандарди. Иницијалното чувство на јасност, за тоа кога треба да интервенира воено премина во неодлучност, како на пример поради употребата на Сирија на хемиско оружје во 2013 година. Дома, пак, духот на единство брзо исчезна и американските токсични поделби предизвикаа потсмев за американското тврдење оти има супериорен модел на управување – пишува „Економист“, додавајќи дека дебаклот на Бајден во Кабул претставува мрачен епилог, што некои го сметаат за приказ на американската неспособност или пропаѓање, што сепак, е предалеку.