Едно лице е убиено со огнено оружје за време на судири што избувнаа викендов на улиците на американскиот град Портланд меѓу приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп и демонстрантите од движењето „Црните животи се важни“. Како што пренесуваат американските медиуми, судирите и физичките пресметки меѓу демонстрантите и приврзаниците на Трамп, кои се движеа во колона од околу 600 возила, се случија во центарот на градот, а сè уште не е јасно дали убиството е директно поврзано со тоа.
Според Си-ен-би-си, на самото место се слушнале три истрели од огнено оружје непосредно пред убиството, а потоа биле видени припадници на полициската медицинска служба како згрижуваат ранет човек, кој не изгледал како Афроамериканец. Човекот, според американскиот медиум, носел капа со ознаки на десничарска организација чии членови во минатото во неколку наврати се судрија со демонстрантите во Портланд. Локалната полиција соопшти дека по пристигнувањето на медицинскиот тим било утврдено дека човекот, кој бил ранет во градите, починал. Инаку секојдневните протести во Портланд, предизвикани од убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис, траат повеќе од три месеци.