Во градинка во југозападна Кина повредени се 51 дете и тројца воспитувачи откако напаѓач ги испрскал со натриум хидроксид.
Кинеската новинска агенција „Синхуа“ објави дека сè се случило во понеделникот попладне во градинка во провинцијата Јунан и додава дека две лица се здобиле со сериозни повреди.
Напаѓачот, идентификуван само како Конг, бил уапсен еден час по нападот.
Полицијата соопшти дека тој наводно сакал да му се одмазди на општеството со овој чин.
Натриум хидроксид, познат и како камена сода, се користи за производство на продукти како сапун, хартија и разни бои, забележува Си-ен-ен.
Изложеноста на ова соединение може да доведе до изгореници и иритација на очите и кожата, а можни се и алергиски реакции, како и привремено опаѓање на косата.
Си-ен-ен потсетува дека во октомври минатата година, жена прободе 14 деца во градинка во централна Кина, додека една година претходно, 11 деца беа повредени кога маж ги нападна со нож исто така во градинка.