Покраинскиот суд во Дортмунд денеска, поради нападот врз автобусот на фудбалскиот тим Борусија Дортмунд, го осуди германскиот државјанин Сергеј В. на 14 години затвор.
– Судот го смета 29 годишниот Сергеј В. за виновен за обид за убиство во 28 случаи и поставување на експлозивна направа – се вели во образложението на пресудата.
За време на процесот што траеше 11 месеци, судот утврди дека Сергеј В. нападот го извршил од ниски побуди.
Германскиот државјанин со руско потекло изврши напад врз автобусот на Борусија Дортмунд на 11 април 2017 година, надевајќи се дека на тој начин ќе падне вредноста на акциите на клубот и тоа ќе му донесе материјална корист. Сергеј се обложил на пад на акциите на клубот од Дортмунд.
Во нападот, што ја шокираше германската и светската јавност, полесно е повреден поранешниот фудбалер на Борусија Марк Батра, како и полицаец што се наоѓал во придружната колона на автобусот што сообраќал од еден хотел во предградие на Дортмунд кон стадионот каде што требаше да се одигра мечот од Лигата на шампионите против Монако.
Сергеј В. е обвинет дека поставил три експлозивни средства во обид да ги убие фудбалерите и да предизвика пад на вредноста на акциите на клубот. Признал дека поседувал три експлозивни средства, но негираше дека имал намера некого да убие, туку дека сакал само да предизвика страв и паника.