Полициски извори откриваат дека напаѓачот на терористичките напади во Лиеж, Бенжамин Херман, додека бил во затвор, контактирал со насилно радикализирани луѓе, меѓу кои и братучедот на браќата Ел Бакрауи, кои ги поставија бомбите на аеродромот и во метро станицата во Брисел на 22 март 2016.
Истрагата што се води од страна на федералното обвинителство на Белгија за нападите во Лиеж на 29 мај открива дека Херман бил во контакт со најмалку две лица осомничени за „насилна радикализација“. Властите се сомневаат овие две лица влијаеле врз терористот од Лиеж за време на неговиот престој во затворот во Лантен.
Едното лице, кое се смета за крајно опасно и е под посебен надзор, е 31-годишниот Јасин Диби, осуден на 32 години затвор. Осуден е за насилни кражби, за поседување нелегално оружје, како и за повеќе обиди за бегство од затвор, напад со нож врз затворска чуварка и шверц со оружје во затвор. Биди е пријател од детство со браќата Ибрахим и Калид Ел Бакрауи кои на 22 март 2016 се разнесоа на бриселскиот аеродром и во метро станицата Малбек каде направија 32 жртви и над 300 ранети.
Вториот контакт во кој се сомнева полицијата е Џавад Бенхатал, кој сѐуште не е осуден но е осомничен за тероризам. Бенхатал е братучед на браќата Ел Бакрауи и е обвинет дека бил инволвиран во организирањето на спречените атентати за време на европското првенство во фудбал на лето 2016. Тој ги негира обвинувањата.
Истрагата се фокусира на тоа кој и како го навлекол Херман во насилна исламистичка радикализација. Проблемот со насилната радикализација во затворите е еден од најголемите проблеми во Белгија како и во Франција.
Вработените во затворот каде се наоѓал Херман повеќе пати предупредиле дека имаат сомнеж за насилната радикализација на напаѓачот. Последниот извештај, кој бил посебно алармантен, според судски извори, бил испратен во саботата до директорот на затворот, три дена само пред нападите.
Белгиската јавност, која е сѐуште во шок, бара одговори за овие пропусти.
Ова не е првпат белгиските власти да бидат обвинети за опасни пропусти во борбата против тероризмот. Имено, според судски извори, Салах Абдеслам, единствениот преживен од париските атентати во 2015, и кој четири месеци се криеше во срцето на Брисел, не бил уапсен на време поради внатрешни кавги во полициските служби во Белгија и поради што клучни информации за Абдеслам не им биле пренесени на одговорните во истрагата.