Ирачката воздушна база Аин ал Асад, во која се сместени американски трупи, рано утрово беше нападната од беспилотно летало.
Во нападот нема жртви, но направена е материјална штета, се додава во соопштението, пренесува АП. Како што се додава, по нападот избувнал пожар кој оштетил една зграда.
Портпаролот на коалицијата, полковник Вејн Марото, на Твитер објави дека во нападот е оштетен хангар и додаде дека истрагата е во тек.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.
САД ги обвинија милитантните групи поддржани од Иран за претходните ракетни напади, насочени кон американските трупи во Багдад и воените бази низ Ирак.
Нападите со беспилотни летала се ретки, а последниот се случи во средината на април, кога беше погоден меѓународниот аеродром во Ирбил, во курдската област во северен Ирак, недалеку од базата на коалициските сили.