Најмалку 2.200 луѓе побегнаа од борбите што се водат во јужниот дел на главниот град на Либија, Триполи од 4 април, соопшти хуманитарната канцеларија на Обединети Нации.
Во извештајот, објавен денеска, се наведува дека голем број цивили и понатаму се заробени и отсечени и не можат да добијат помош.
– Се поголемото распоредување на трупи би можело да резултира со значително раселување на населението – се посочува во извештајот.
Исто така се посочува дека агенциите на терен имаат итни медицински резерви за три месеци за третман на 210.000 луѓе и 900 повредени.
САД побараа итен прекин на воените акции во Либија во исто време кога Либанската национална армија (ЛНА) предводена од генералот Калиф Хафтар напредува кон Триполи.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека е „длабоко загрижен поради борбите што се одвиваат во близина на Триполи“ и апелираше на разговори со цел ставање крај на судирите.
– САД се против воената офанзива на силите на Калиф Хафтар и бараат моментален прекин на воените операции кон либиската престолнина – истакна Помпео.
Либиското Министерство за здравство соопшти дека 30 луѓе загинале, а 50 се повредени во судирите во јужниот дел на Триполи, но не е прецизирано дали се цивили или борци.
Обединети нации синоќа побараа завојуваните страни да прогласат двочасовен прекин на огнот со цел да се евакуираат жртвите и цивилите, но и покрај тоа продоли судирот.
Либија е транзитна точка на стотина илјади мигранти кои ја преминуваат Сахара со цел да стигнат до Средоземно Море и Европа.