Најмалку 180 лица се убиени, а над 500 се ранети во серијата бомбашки напади врз три цркви и три луксузни хотели во Шри Ланка. Нападите беа извршени за време на религиозните литургии за Велигден.
Светските медиуми пренесуваат дека биле регистрирани најмалку осум експлозии.
Властите соопштија дека меѓу убиените има голем број верници и хотелски гости.
Претседателот на Шри Ланка, Маитрипала Сирисена, порача дека Владата ги презела сите можни чекори за да се најдат одговорните за нападите, и повика да се преземе сѐ што е можно за да се одржат законот и редот во земјата. Засега сѐ уште никој ја презеде одговорноста за најголемиот терористички напад во Југоисточна Азија, што се случи една деценија по крајот на Граѓанската војна во Шри Ланка.
Во меѓувреме, светските лидери остро ги осудија симултаните бомбашки напади врз повеќе објекти во Шри Ланка. Индискиот премиер Нарендра Моди порача дека во регионот на јужна Азија нема место за вакво варварство. Првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, порача дека со ужас и жалост ја примил веста за нападите. Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу истакна дека без разлика на мотивите, експлозиите се кукавички, варварски и ладнокрвен чин, исто како и нападите врз џамиите на Нов Зеланд минатиот месец.
– Тероризмот нема религија, нема нација, нема географија – порача Чавушоглу на Твитер.
Претходно се огласи и рускиот претседател Владимир Путин, кој ги осуди нападите и оцени дека станува збор за суров и циничен чин, пренесува Си-ен-ен.