Двата кратки конфликти, во Нагорно-Карабах минатата година и неодамнешниот во Газа, нудат приказ за иднината на војувањето, особено во поглед на користењето на воздушните сили, како што се ловците Ф16 кои Турција ги позајми на Азербејџан и новата флота на дронови употребена против ерменските сили, како и користењето на вештачката интелигенција за која Израел тврди дека овозможила пронаоѓање на целите, пишува „Форин полиси“.
Во војната во Нагорно-Карабах, дроновите беа во главна улога на бојното поле, следени од лесната и опремена пешадија. Според аналитичарите, Азербејџан ефективно користел мали единици на специјални сили, кои бргу ги повикувале воздушните сили на помош кога тоа било потребно. Таквата тактика била употребена и при раната инвазија на САД врз Авганистан. Азербејџан на тој начин ја неутрализираше ерменската воена моќ, го контролираше воздушниот простор, а потоа прецизно напредуваше за да ја преземе оспоруваната територија.
Во Израел, од подземен центар за координација, алгоритмите поминуваа низ разузнавачките податоци собрани од целни локации, со цел да забележаат невообичаени активности и потоа да ги пренесат сознанијата до воените пилоти. Израел тврди и дека процената на штетата и софистицираното следење на движечките цели во реално време исто така биле достапни за системот за противвоздушна одбрана наречен „Железна купола“, овозможувајќи му драгоцени минути за да се ориентира и да ги пресретне ракетите на Хамас.
Се смета дека светските сили како што се НАТО, Русија и Кина со внимание ќе ги проучат последните воени конфликти за развивање сценарија за ефектите од можните идни судири, како што пишува „Форин полиси“.