Шведската министерка за надворешни работи, Ана Линг, го откажа состанокот со својот швајцарски колега Игнасио Касис, откако Берн ѝ наметна забрана за извоз на компанија за сајбер-безбедност обвинета за поврзаност со ЦИА
Шпионските приказни од Студената војна сè уште влијаат врз дипломатските односи во Европа
По три децении од падот на Берлинскиот ѕид, недоразбирањето меѓу Шведска и Швајцарија покажува дека шпионските приказни од Студената војна сè уште влијаат врз дипломатските односи во Европа. Имено, минатата недела, шведската министерка за надворешни работи, Ана Линд, изјави дека го откажала состанокот со нејзиниот швајцарски колега Игнасио Касис, откако Швајцарија ѝ наметнала забрана за извоз на швајцарската компанија за сајбер-безбедност „Крипто интернешенел“ со седиште во Швајцарија. Забраната била воведена додека швајцарските власти ги истражувале долгогодишните и скандалозни тврдења дека претходничката на „Крипто интернешенел“, фирмата „Крипто АГ“, била параван на американското разузнавање во текот на Студената војна, пренесува магазинот „Политико“. Според магазинот, швајцарската забрана спречила да бидат извезени „стоки“ за Шведска, за кои експертите сметаат дека вклучуваат надградби за сајбер-безбедност и друга технолошка поддршка потребна на шведските државни агенции, кои, наводно, се направени во сомнителна компанија што соработува со ЦИА.
Во таа насока, шведската министерка за надворешни работи Линд одби да прецизира какви продукти не пристигнале во Шведска, за кого биле наменети или зошто тоа претставува проблем за Швајцарија, но истакна дека „тие прашања се однесуваат на сајбер-безбедноста и не може во јавност да коментира за нив“, пишува „Политико“.
Портпаролот за швајцарското министерство за надворешни работи го потврди откажаниот министерски состанок, но ги избегна прашањата зошто бил откажан од шведска страна.
– Состанокот на министрите за надворешни работи на двете земји беше планиран за да ја одбележи стогодишнината од воспоставувањето на швајцарските дипломатски врски во Шведска. Според сегашните информации, овој состанок нема да се одржи – посочи тој.
Во меѓувреме, овој дипломатскиот судир е најновиот пресврт во долгогодишните и сложени обвиненија и негирања за работењето на „Крипто АГ“, а сега и со нејзината наследничка „Крипто интернешенел“. Фирмата „Крипто АГ“ ја формира швајцарскиот механички инженер Борис Хагелин, чии првични производи вклучуваа конкурентна машина на германската „Енигма“, која се користеше за време на Втората светска војна. По војната, Хагелин го пресели седиштето на фирмата во Швајцарија делумно од даночни причини и разви долга листа на држави клиенти, од Иран до Аргентина, кои ја користеа навидум безбедната криптографска технологија на „Крипто АГ“ за да испраќаат пораки со сензитивна содржина од амбасадите и главните градови до бојните полиња и воените бази. Истрагата на весникот „Балтимор сан“ од 1995 година тврди дека во текот на повоениот период биле развиени тесни врски меѓу „Крипто АГ“ и американското разузнавање, а фирмата тогаш ги отфрли тие тврдења како шпекулации.
Во февруари годинава, „Вашингтон пост“, во соработка со партнерите во Германија, тврдеше дека ЦИА и нејзиниот германски пандан БНД всушност со децении во целост ја поседувале „Крипто АГ“ и можеле да ги дешифрираат сите испратени пораки преку машините од фирмата. Извештајот на весникот, базиран на историјата на операциите составена од страна на ЦИА и БНД, вели дека се имало широк пристап до разузнавачки материјал, со што им се овозможило на американските агенти да ги прислушуваат иранските лидери за време на заложничката криза од 1979 година, аргентинските лидери во текот на Фокландската војна и либиските лидери што го планирале бомбашкиот напад на еден берлински ноќен клуб во 1986 година. Во исто време извештајот на „Вашингтон пост“ вели дека БНД го продала својот удел во 1990-тите години, но ЦИА се откажала од интересот во фирмата во 2018 година, па ги продала името, дистрибутивната мрежа и производните права на новата компанија „Крипто интернешенел“. Како што наведува американскиот весник „Вашингтон пост“, ЦИА и БНД не биле достапни за коментар за барањата на весникот.
Портпаролот на „Крипто интернешенел“, која е во сопственост на шведските претприемачи Ема и Андреас Линд, истакна дека „Крипто АГ“ била „обвинета за манипулација со опрема“, но дека таа нема никаква врска со „Крипто интернешенел“, иако „имале слично име“. Тој исто така истакна дека „компанијата била основана во 2018 година и никогаш не ја продавала спорната опрема“. Откако статијата на „Вашингтон пост“ беше објавена во февруари, швајцарските власти спроведоа истрага во случајот и се фокусираа на можни прекршувања на законот за извоз „од страна на непознати лица“. Од јавното обвинителство, кое ја предводи истрагата, соопштија дека во тек била кривична постапка.
Во меѓувреме, продолжуваат да кружат прашањата за тоа колку, всушност, Швајцарија навистина знаела за операцијата. Документите на ЦИА и на БНД покажуваат дека швајцарската влада сигурно била запознаена со поврзаноста меѓу ЦИА и „Крипто АГ“, според извештајот на „Вашингтон пост“. Швајцарските политичари, вклучувајќи го Каспер Филигер, кој беше министер за одбрана на почетокот од 1990-тите години, го негираше сево ова. Во Шведска, семејството на Хагелин порача дека генерално не биле запознаени со деталите за неговата работа.