Поранешниот пакистански претседател, генералот Первез Мушараф, е осуден на смртна казна од специјалниот суд во Исламабад, кој донесе одлука дека тој е виновен за предавство и кршење на Уставот. Мушараф ја презеде власта преку воен удар во 1999 година и беше на претседателската функција во периодот 2001-2008 година. Тој во моментов се наоѓа на лекување во Дубаи, откако во 2016 година ја напушти земјата, пренесува Би-би-си.
Обвиненијата против него се однесуваат на суспендирањето на Уставот во 2007 година, кога воведе вонредна состојба во обид да го продолжи својот мандат како претседател. Мушараф во 2008 година се повлече од функцијата за да избегне поведување постапка за импичмент против него. Тој во 2014 година и формално беше обвинет, со што стана првиот воен лидер во Пакистан што одговараше за кршење на Уставот. Во согласност со пакистанскиот устав, лицата што ќе бидат осудени за велепредавство се соочуваат со смртна казна. Многумина од пакистанските генерали владееја со земјата директно преку воен удар, како што беше случајот со Мушараф, или имаа значително влијание врз носењето на политичките одлуки во периодот на цивилна власт.