Кореја хералд
Ким Јо-јонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, стана деветтата најмоќна личност во историјата на државата
Распоредот на седење на церемонијата за одбележување на 25-годишнината од смртта на основачот на Северна Кореја, Ким Ил-сунг, која се одржа вчера во спортската арена во Пјонгјанг, го покажа актуелниот политички статус на Ким Јо-јонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун. Таа седеше четири места налево од својот брат, веднаш до потпретседателите на централниот комитет на владејачката Работничка партија Пак Понг-ју, Ри Ман-гон и Ри Су-јонг.
Десно од Ким Јонг-ун седеше Чо Рјонг-хе, претседателот на Президиумот на врховното народно собрание, премиерот Ким Јае-рјонг и потпретседателите на Работничката партија Пак Кванг-хо и Ким Пјонг-хе.
Бидејќи највисоките државни функционери седат според рангот, лево и десно од Ким Јонг-ун, Ким Јо-јонг е деветта по хиерархијата. Таа беше единствената која седеше во првиот ред, која не е членка на политбирото, односно кабинетот, на Работничката партија, што се смета за новост.
Ким Јо-јонг е првата заменик-директорка на одделот за пропаганда и агитирање на Работничката партија под надзор на само симболичниот директор Пак Кванг-хо. Според Ли Хаи-хун, шефицата на разузнавачкиот комитет во јужнокорејското национално собрание, државната разузнавачка служба соопштила дека фотографиите на севернокорејското лидерство на вчерашниот настан покажуваат дека се зголемил политичкиот статус на Ким Јо-јонг, со тоа што сега е во сличен ранг со Чо или Ри.
До февруарскиот самит во Ханој меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Ким Јонг-ун, Јо-јонг генерално беше задолжена за протоколот и за надгледување на настаните за нејзиниот брат. По овој самит, поранешната поп-ѕвезда, а сега заменик-директорка за пропаганда, Хајон Сонг-вол, ја презеде таа функција, па така Ким Јо-јонг го покажа нејзиниот повисок статус.
Таа официјално го придружуваше нејзиниот брат на состанокот со Трамп и со претседателот Мун Јае-ин во Панмунџом минатиот месец. Кога кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна на аеродромот во Пјонгјанг минатиот месец, таа беше во одборот за пречек заедно со потпретседателите на Работничката партија, Ри и Ким Јонг-чол. Таа исто така поразговара со Си додека тој заминуваше од државната резиденција Кумсусан, каде што престојуваше.
Претходно Ким Јо-јонг седеше веднаш до нејзината снаа Ри Сол-џу за да ја гледа неверојатна гимнастичка изведба „Народна земја“.
Подготвила: Билјана Здравковска