Русија протерала тројца европски дипломати затоа што присуствувале на недозволените собири за поддршка на уапсениот руски опозиционер Алексеј Навални.
Протеруваните дипломати се од Германија, Полска и Шведска, пишува „ЕУ-опсервер“, повикувајќи се на извор во Унијата.
Според информациите од порталот, тоа било сторено за време на прес-конференцијата на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва. Борел е во официјална посета на Москва.
Германската канцеларка Ангела Меркел го осудила протерувањето на германскиот дипломат од Москва, изјавувајќи дека тоа е само уште еден чекор наназад во владеењето на правото.
– За време на состанокот добивме вест за протерувањето – нагласила Меркел.
Таа на прес-конференција по видеосредба со францускиот претседател Емануел Макрон посветена на одбраната и безбедноста, рекла дека верува оти протерувањето е неоправдано, пренесува „Ројтерс“.
– Се солидаризирам со трите земји чии дипломати се протерани – рекол и Макрон по виртуелниот состанок со германската канцеларка, додавајќи дека многу остро го осудува однесувањето на Москва кон опозиционерот Навални.