Шефот на руската дипломатија ја повика меѓународната заедница да поддржи дијалог во Венецуела, а не да поставува ултиматуми
Меѓународната заедница е должна противниците во Венецуела да ги повика на дијалог, а не да им поставува ултиматум, предупреди шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Ситуација во Венецуела, според Лавров, беше тема на разговорите при неговите билатерални средби на маргините на Минхенската конференција за безбедност.
– Ако се раководиме според меѓународното право, кое, меѓу другото, е утврдено и со повелбата на Обединетите нации, венецуелската криза претставува внатрешна работа, а меѓународната заедница е должна да ги повика Венецуелците да пронајдат решение меѓу себе, за што се залагаа Уругвај, Мексико, земјите од Карипската заедница, Русија, Кина, Иран, Боливија и многу други – истакна рускиот министер пред новинарите во Минхен.
Лавров додаде дека таквиот став не се совпаѓа со планот што е замислен кога станува збор за судбината на Венецуела како држава.
– Наместо меѓународното право, повелбата на ОН, изнесени се истите правила врз чија основа проблемот се решава со принудување на легално избраниот претседател да излезе на вонредни избори. И паралелно, во рамките на истите тие правила, господинот Хуав Гуаидо однадвор е прогласен за вршител на должноста претседател. Дури и моите западноевропски колеги, кои не зборуваат многу за таа тема, гледаат дека сѐ што се случува е без преседан – порача Лавров.
Од друга страна, зборувајќи за руската перцепција за „зголемените активности на НАТО“, тој истакна дека Москва е заинтересирана да знае како Алијансата го гледа својот мандат на Арктикот.
– Ако слушате некои луѓе, како министерот за војна или, се извинувам, министерот за одбрана на Британија, тогаш може да добиете впечаток дека никој, освен НАТО, нема право да биде каде било на друго место, освен во рамките на своите граници – додаде Лавров, одговарајќи на британските обвинувања дека Русија се обидува да го турне Западот во нова трка за вооружување, правејќи го светот на тој начин помалку безбеден.
Американската војска достави помош за Венецуелците
Американската војска достави повеќе тони хуманитарна помош во колумбискиот град Кукута, на границата со Венецуела. Помошта би требало да ја дистрибуираат приврзаниците на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кого САД го признаа за привремен претседател на Венецуела. Помошта од 180 тони опфаќа храна, средства за хигиена и други производи наменети за повеќе од 25.000 луѓе.
– Ова не е ниту прва ниту последна помош – изјави претставникот на УСАИД, Марк Грин, во Кукута за време на доставувањето на помошта во пограничниот град, кој е преполн со мигранти од Венецуела.
Претходните испораки на помош се доставени со комерцијални летови. Николас Мадуро ја одбива американската помош и со поддршка на војската го спречува нејзиното доставување во Венецуела.