Русија и Саудиска Арабија ги разгледуваат условите за испорака на противвоздушниот ракетен систем „с-400“, во рамките на договорот за продажба потпишан во 2017 година, изјави Марија Воробјова, портпаролката на Федералната служба за воено-техничка соработка на Русија.
Воробјова истакна дека за рускиот „с-400“ исто така се заинтересирани уште неколку земји од Блискиот Исток, пренесува Спутник.
– Барањата на сите странски купувачи што се заинтересирани за најдобриот светски систем за противвоздушна одбрана, кој е многу подобар од сите системи што ги нудат конкурентите, ќе бидат разгледани на соодветен начин – додаде руската портпаролка.
Покрај тоа, Воробјова наведе дека двете земји во моментов разговараат и за лиценцирано производство на руската автоматска пушка „ак-103“ во Саудиска Арабија, за што стана збор и при минатомесечната посета на рускиот претседател Владимир Путин на заливската земја.
– Ова прашање беше разгледано и на неодамнешната средба помеѓу претседателот Владимир Путин и саудискиот крал Бин Салман – додаде Воробјова.
Саудиска Арабија е еден од најголемите сојузници на САД на Блискиот Исток и најголем купувач на американска воена опрема. Претходно одлуката на Турција, американски сојузник во НАТО, за купување на рускиот „с-400“ значително ги залади односите помеѓу Вашингтон и Анкара.