Во пресрет на 8 јуни, Светскиот ден на океаните, кој втора година по ред го дочекуваме под клештите на пандемијата од коронавирусот, констатацијата на глобалните релевантни фактори е дека светските океани и мориња повеќе од кога било стануваат депонија за разни видови отпад
Планетата Земја ја доживува декадата на загадување и уништување, а заштитените подрачја трпат сериозен притисок токму за време на пандемијата на ковид-19.
Во екот на пандемијата, непромислено се ограбуваат ресурсите на Земјата, се осиромашува нејзиниот жив свет, а воздухот, земјата и морето се третираат како депонии. Клучните екосистеми и синџири на исхрана се турнати на работ на амбис.
Ова, меѓу другото, го наведуваат повеќе анализи од светските реномирани новински агенции, кои по повод 8 јуни, Светскиот ден на океаните, пишуваат и констатираат дека светот треба да научи лекција од пандемијата и да го промени својот однос кон планетата што поскоро. Имено, британски „Индепендент“ на оваа тема наведува дека луѓето треба да разберат дека се интегрален дел од природата, а не нејзин господар.
– Без екосистемските услуги што ги дава природата, чиста вода, воздух и храна, луѓето нема да преживеат, а заштитата на овие ресурси е од највисок приоритет – вели Риџард Штејн од организацијата „Екоразум“, по повод Светскиот ден на морињата.
До 13 милиони тони пластика годишно завршуваат во морињата
Во меѓувреме Службата за истражување на Европскиот парламент во свој неодамнешен извештај на оваа тема наведува дека во морињата и океаните сме фрлиле над 150 милиони тони пластика. Ова се податоци што предизвикуваат шок, но и страв и загриженост за последиците по екосистемот на кои сме сведоци во последните години. Според Службата за истражување на ЕП, во просек годишно низ светот се фрлаат меѓу 4,8 и 12,7 милиони тони пластика во морињата. Покрај загадувањето на морињата, океаните и крајбрежјето, голем проблем со пластичниот отпад во морињата е неговото распаѓање, при што се претвора во микропластика за која морските животни мислат дека е храна. Според експертите, последиците од ова се катастрофални бидејќи рибарите овие животни ги ловат и подоцна ги сервираат на нашите трпези.
Загрозени морски видови, но и економии
Паралелно на ова, друго истражување на оваа тема објавено во европските медиуми наведува дека пластиката влегува во телото на морските видови, но и во синџирот на исхрана, во кој спаѓаат и луѓето. Кои се последиците врз човечкиот организам, сѐ уште не е познато. Морските животни како желките, делфините и китовите умираат најчесто од ефектите на голтање и варење пластика, заплеткување во пластика или задушување.
– Иситнетата пластика се таложи и на морското дно, со што се спречува навлегување на кислородот, неопходен за алгите и неподвижните и слабо подвижни животни и растенија, кои умираат поради недостиг од кислород. Доколку продолжи овој тренд на загадување на морињата и океаните, се претпоставува дека во 2050 година во светските мориња и океани би можело да има повеќе пластика отколку риби – стои во документот објавен во западните медиуми по повод Светскиот ден на океаните.
Дополнително, интересно е што отпадот во морињата предизвикува и економски загуби за секторите и заедниците што зависат од морињата, но исто така и за производителите, бидејќи во економијата остануваат само пет проценти од вредноста на пластичното пакување, додека остатокот се фрла, пишува британски Би-би-си. Од друга страна, според Службата за истражување на Европскиот парламент, морските отпадоци предизвикуваат загуби од 259 до 695 милиони евра, претежно во секторите туризам и риболов во државите. Според податоците објавени од ЕК, морскиот отпад се состои од пластика за еднократна употреба 49 отсто, опрема за риболов 27 отсто, отпад од други материјали 18 отсто и друга пластика 6 отсто. Најголемиот дел од фрлениот отпад на плажите и во морињата и океаните е пластика за еднократна употреба. Меѓу работите што ги фрламе во морињата и океаните се хигиенски влошки, влажни марамчиња, ќесиња од чипс и балони.
Рециклирањето на отпадот, но и природното закрепнување на океаните може да го стабилизира овој глобален проблем, тврдат истражувачите. Климатските промени и предизвиците при постојните напори за зачувување се најголеми пречки, сепак велат тие. Истражувачите предупредуваат дека времето на реагирање е многу кратко. Во текот на последните неколку децении, растечкото влијание на климатските промени ги избели коралите и забележано е зголемување на киселоста на океаните. Ова беше документирано во минатогодишниот посебен извештај од Меѓувладиниот панел за климатски промени. Ова ново истражување го признава обемот на проблемите, но и укажува на извонредната издржливост на океаните каде што бројот на китови се зголеми по едноставната забрана за трговија со нив.