Кризата со коронавирусот е можност да посочиме некои од политичките грешки во изминатите години и да го приспособиме нашиот договор на реалноста. Затоа е потребно сите да ја ставиме реалноста на прво место
До пред неколку недели, никој немаше да спори дека најрелевантниот и најочигледен тренд во глобалната политика денес е „националното на прво место“. Едностраноста и логиката на „нулта игра“ се чинеше дека се новата нормала – „за јас да победам, ти треба да изгубиш“ и „прво јас“. Овие фрази се чинеше дека се недвосмислено обележје на овој век. Тоа беше заштитен знак што немаше речиси никакви географски и идеолошки граници: ќе ги најдевте во многу различни нијанси, на секој континент, во секоја политичка ориентација, низ разни институционални системи, па дури и во рамките на некои меѓународни организации. Се чинеше дека овој тренд секојдневно се консолидира, додека малкумина се обидуваа да расправаат за кооперативен меѓународен пристап, мултилатерализам, решенија со заедничка основа, наместо за чисто индивидуалистичка визија за општеството.
Денес, кога пандемијата на коронавирусот се шири во светот, доведувајќи ги во опасност нашите животи и разнишувајќи ги темелите на нашиот секојдневен начин на живот, треба да се прашаме дали оваа парадигма ќе остане доминантна. Дали пандемијата ќе ја зајакне или има лекции што ќе ги научиме? Може ли вирус да предизвика некои претпоставки врз кои се темели сегашниот глобален политички пејзаж? Дали ќе нѐ натера да се фокусираме на она што навистина е битно и на она што нѐ обединува како луѓе или ќе го разгори чувството на страв и сомнеж меѓу заедниците и во нив, ќе нѐ раздели уште повеќе, ќе го зголеми нивото на токсична реторика и однесување, што веќе ги труеше нашите општества и делумно го парализираше нашиот колективен капацитет за ефикасно дејствување? Дали ќе ја искористиме оваа криза како можност да посочиме на некои од грешките во изминатите години и, конечно, да ја приспособиме нашата траекторија на компасот на реалноста?
Оваа пандемија јасно и гласно ни кажува многу работи. Ако сме подготвени да слушаме, некои од нив се многу едноставни. Прво, постои глобална заедница. Она што се случува далеку има влијание (дури и од витално значење) овде и сега. Кивање на еден континент има директни реперкусии на друг. Ние сме поврзани, ние сме едно. Сите обиди да се сметаат границите како линии за раздвојување и да се класифицираат луѓето според националност, етничка припадност, пол или религија – веднаш го губат значењето, бидејќи нашите тела се еднакво изложени на вирусот, без разлика кои сме.
Второ, имам интерес за благосостојба на мојот сосед. Ако мојот сосед има проблем, тоа е исто така и мој проблем. Значи, дури и да не се грижам за соседот, треба да се грижам за себе. Бидејќи во меѓусебно поврзан свет, единствениот ефикасен начин да се грижиш за себе е да се грижиш за другите. Солидарноста е новата себичност. Трето, очајно се потребни глобално координирани решенија и за ова е потребно инвестирање во меѓународни мултилатерални организации. Ако мислите дека можете да одговорите ефективно на ваква криза само со усвојување национални мерки, тогаш се обидувате да го испразните морето со лажичка. Многу работа, без резултати. За да бидете ефективни, потребен ви е систематски, координиран напор на глобално ниво, со соодветни политички и финансиски колективни инвестиции во меѓународната мултилатерална поставеност, која е потребна за следење на развојот, реагирање и спречување на евентуалното влошување. Ако ги растурите кредибилитетот и капацитетот за дејствување на меѓународните организации, тие ќе бидат помалку ефективни кога ќе ви затребаат, а вие ќе бидете тој што ќе ја плати цената. Четврто, политички одлуки засновани на наука се единствениот рационален и корисен начин на дејствување. Доказите се единствената сигурна референтна точка. За среќа, илјадници години од многу мудри причини инвестиравме во науката – во целиот свет, без исклучок на ниту една цивилизација.
Секое отстапување од одлуки засновани врз научни докази, заради краткорочни политички или економски размислувања, е едноставно опасно. Петто, здравството е јавно добро. Тоа не е само приватно прашање. Тоа е прашање на национална, па дури и на меѓународна безбедност и економски просперитет. Затоа, тоа бара и соодветни и одржливи јавни инвестиции и колективно чувство на одговорност, што секој граѓанин е повикан да го практикува. Избегнувањето зараза не значи само спасување живот на поединец, туку е и суштински придонес за опстанокот на заедниците и функционирањето на јавните здравствени услуги и, конечно, на државата.
Шесто, на глобалната економија ѝ е потребно луѓето да останат здрави. Инвестирањето во јавното здравство, науката и истражувањето е инвестиција во просперитетни економии во светот. Производството, потрошувачката, трговијата и услугите, основата на нашиот економски систем, имаат потреба луѓето да бидат здрави и безбедни. Седмо, функционални демократски институции се исклучително важни за нашите животи. Работите ги земаме здраво за готово сѐ додека не ризикуваме да ги изгубиме. Начинот на кој функционира одлучувањето (или не функционира) е крајниот тест во услови на криза. Ако демократијата се сфати како товар што забавува, па дури и спречува ефективни и брзи мерки, аргументот во корист на поавторитарни системи на владеење ќе се засили, со сите негативни импликации што би ги имало тоа врз нашите права и слободи. Да се работи на демократските институции значи да се инвестира во нашето здравје, нашата безбедност и нашите слободи и права.
Последно, но не и најмалку важно, ништо не е поскапоцено и повредно од животот. Понекогаш забораваме, особено кога станува збор за сопствениот живот. Ова е здраворазумско размислување. Секоја криза може да се искористи како можност да научиме лекции од грешките од минатото, да ги приспособиме политиките, да го смениме курсот и да ги поправаме работите за кои не ни признаваме дека биле расипани. Сето тоа зависи од тоа што одлучуваат да прават луѓето во светот, почнувајќи од оние што имаат институционални и политички одговорности. Но на крајот сите ќе треба да одлучиме. Дали оваа криза ќе се искористи за краткорочни индивидуални придобивки, со вообичаени жртвени јагниња, или ќе биде повик за будење кон реалноста? Тоа не е идеализам, туку е чист реализам.
Колумна на Федерика Могерини, бивша висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и за безбедносна политика, за „Проџект синдикејт“