Повеќето момчиња, спасени од пештера во Тајланд, заминуваат на неколкудневно повлекување во будистички храм пред да се вратат на секојдневниот живот, соопштија денеска тајландските власти.
– Ќе заминат на деветодневно повлекување, соопштија локалните власти и дополнија дека за момчињата тоа ќе биде прво будистичко повлекување.
Праксата со заминување во будистички храмови е вообичаена во земјите каде мнозинството население се будисти. Нивното повлекување почнува на 25 јули, кога според традицијата на будизмот ќе им бидат избричени главите и ќе им бидат предадени униформи на будистички свештеници. Момчињата ќе бидат во различни храмови до 4 август. Само едно момче нема да им се придружи, бидејќи е христијанин.
Момчињата и нивниот тренер на 23 јуни влегоа во пештерата Там Луанг, каде набрзо ги зароби поплава. По 10 дена ги пронајдоа нуркачи. Спасувачката акција траеше три дена и конечно заврши на 10 јули.