Во многубројните информации објавени во светските медиуми, поврзани со американското повлекување од Авганистан и годишнината од нападите во Њујорк, провејуваат слични констатации на разузнавачките светски центри дека сосема е возможно да се претпостави дека во иднина може да се случи слично терористичко сценарио како она од 11 септември 2001 година

Безбедносните закани што доаѓаат од терористичките организации сѐ уште се голем проблем за државите од Стариот Континент, но и пошироко. На ваква констатација наведуваат информациите публикувани во последниот извештај на британските разузнавачи, објавен во медиумите, во кој се наведува дека повлекувањето на американските трупи од Авганистан го зголемува ризикот од нов терористички напад во светот, каков што беше тој на 11 септември 2001 во САД. Имено, ова го тврди и шефот на британската контраразузнавачка служба, Кен Мекалум, кој во изјави за светските агенции посочи дека одлуката на Вашингтон за заминување од Авганистан ги „охрабри и оживеа“ исламските екстремисти. Тоа, според првиот човек на МИ5, значи не само подигнување на расположението туку и голема веројатност за прегрупирање на терористите за извршување посложени напади.
– Ризикот е дека тие ќе се ресоздадат и ќе нѐ вратат пред добро дизајнираните комплексни заговори, како оние што ги сретнавме за време на нападите на 11 септември и во годините што следуваа – рече Мекалум.

Москва му нуди соработка на Вашингтон за тероризам

Во меѓувреме, по повод 20-годишнината од терористичките напади на 11 септември 2001 година, Русија соопшти дека е подготвена повторно да соработува со САД во борбата против тероризмот. Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, изјави дека Русија тагува заедно со САД и дека Москва е подготвена да го продолжи дијалогот предводен од министрите за надворешни работи на двете сили во 2018 и 2019 година за борба против тероризмот.
– Мораме да ги оставиме настрана сите спорови и да работиме заедно за човештвото. Руската страна е подготвена да ги започне тие преговори. Тоа е нашиот природен приоритет – напиша Антонов на фејсбук-страницата на руската амбасада, и покрај комплицираните билатерални односи меѓу двете земји. Тој изрази благодарност до САД за размената на информации, што овозможи спречување на атентатот во Санкт Петербург во 2017 и 2019 година и истовремено потврди дека Русија сака да соработува околу идните безбедносни предизвици по случувањата во Авганистан.

Брисел будно ги следи случувањата

Дека светот и ЕУ стравуваат од терор се наведува и во еден од последните документи на Европол насловен „Европската Унија, состојби и трендови со тероризмот“, во кој се информира дека во текот на минатата година биле регистрирани, спречени или спроведени 119 терористички напади на територијата на 13 држави на Европската Унија.
– Во полициските операции насочени против тероризмот биле уапсени 1.004 лица под сомнение дека сториле кривични дела од оваа област. Операциите за приведување осомничени луѓе за тероризам, лани биле спроведени во вкупно 19 држави од ЕУ, но најголем број од полициските акции се „одиграле“ во Белгија, Франција, Италија, Шпанија и во Британија – стои во извештајот. Во документот се забележува и дека полициските истраги спроведени на оваа тема во Европа, стигнале до заклучок дека на почвата од Стариот Континент се активни неколку форми на терористички групации со различна идеологија, односно во Европа дејствуваат џихадистички мотивираните терористи, крајно левите и крајно десните терористички организации. На истава тема, „Евроњуз“ во својот текст наведува дека разузнавачките служби на Стариот Континент на големо се подготвуваат за евентуални безбедносни предизвици што би можеле да се случат поради тесните врски на талибанците со Ал каеда и другите терористички филијали.


Ал каеда со видео на интернет и закани за нов терор

Разузнавачката група „Сит“, која ги следи активностите на џихадистите на интернет, објави ново видео по повод 20-годишнината од терористичкиот напад на кулите близначки од 11 септември. Во видеото лидерот на Ал каеда, Ајман ал Завахри, наследникот на Осама бин Ладен, зборува за повлекувањето на војската од Авганистан, но и споменува можни нови прегрупирања и напади на организацијата. На снимката исто така се гледа дека Ал Завахри вели оти „Ерусалим никогаш нема да биде еврејски“ и наедно ги фали нападите на Ал каеда, вклучувајќи ги и оние што беа насочени кон руските војници во Сирија во јануари. Според „Сит“, споменувањето на Ал Завахри на повлекувањето на американската армија од Авганистан по 20 години војна укажува дека станува збор за неодамнешна снимка. Сепак, според разузнавачката група, ова не мора да значи дека Ал Завахри сѐ уште е жив, иако тој во објавата споменува дека талибанците минатиот месец ги зазеле Авганистан и главниот град Кабул.