Еквадорските обвинители би можеле да забранат излез од земјата на двајца Руси, за кои се сомневаат дека се хакери и оти се поврзани со Џулијан Асанж, изјави еквадорската министерка за внатрешни работи Марија Паула Ромо.
– Разменуваме информации со обвинителите, кои би можеле да побараат од судот да преземе рестриктивни мерки против двајца Руси, ако оценат дека постои основа за тоа, посочи Ромо.
Таа и претходно изјави дека постојат индиции оти Асанж бил поврзан со руските хакери кои живеат во Еквадор.
Претходно, Ромо изјави дека на аеродромот во Кито уапсено е едно лице под сомнение дека е клучен играч на „Викиликс“.
– Лице блиско до „Викиликс“, кое имаше виза за престој во Еквадор уапсено е додека се подготвуваше да патува за Јапонија, напиша Ромо на Твитер.
Таа не го именува уапсениот, само наведе дека е осомничен оти ковал заговор против Владата на Еквадор. Ромо исто така наведе дела уапсениот неколку години живеел во Еквадор и оти често патувал за Лондон.
Тој е приведен едноставно поради истражни причини, посочи Ромо.
Неименуван владин претставник изјави дека уапсениот на аеродромот во Кито е шведскиот програмер Ола Бини.
Апсењето во Кито се случило само неколку часа по вчерашното апсење на Асанж во Лондон, откако Владата на Еквадор му го укина азилот.