Израелската војска наведе дека иранската Револуционерна гарда истрелала 20 ракети врз нејзините позиции на Голанската Висорамнина. Во знак на одмазда, израелски авиони нападнале ирански складишта со оружје, логистички објекти и разузнавачки центри во Сирија. Израел, според експертите, нема да ризикува отворена војна, освен ако не се соочи со директна егзистенцијална закана, а малку е веројатно Иран да претставува таква закана
Израел соопшти дека ја уништил речиси целата инфраструктура на иранската војска во Сирија, како одговор на иранскиот ракетен напад врз окупираната Голанска Висорамнина. Израелската војска наведе дека иранската Револуционерна гарда истрелала 20 ракети врз нејзините позиции. Во знак на одмазда, израелски авиони нападнале ирански складишта со оружје, логистички објекти и разузнавачки центри на сириска територија. Тензиите меѓу Иран и Израел значително ескалираа во изминатите месеци, а ова не е прв напад врз ирански позиции во Сирија. Сепак, некои од експертите оценуваат дека нема да дојде до директен воен судир меѓу двајцата стари непријатели на Блискиот Исток. Израел, според експертите, нема да ризикува отворена војна, освен ако не се соочи со директна егзистенцијална закана, а малку е веројатно Иран да претставува таква закана.
При евентуален директен конфликт, како што оценува „Нејшнл интерест“, Израел со дваесетина воздушни напади може да ја уништи иранската економија за само неколку часа, поради што војната е малку веројатна во скоро време. Околу десет електроцентрали генерираат 60 отсто од струјата во Иран, додека, пак, осум рафинерии произведуваат 80 проценти од иранските енергенти. Со еден ракетен напад може да се оневозможи секој од овие објекти, а со противбункерски бомби, какви што Израел употреби минатиот месец во Либан, тие целосно ќе бидат уништени. Покрај тоа, со малку повеќе труд, Израел би можел да го уништи пристаништето Кард, од каде што Иран извезува 90 отсто од нафтените деривати.
Откако израелското разузнавање успеа да украде половина тон тајни ирански документи во операцијата со сто агенти на Мосад, Иран мора да претпостави дека Израел ги има лоцирано сите ранливи точки во земјата и дека има значителен капаците за саботажа во случај на војна. Иран не посакува војна што би можела да заврши со Картагински мир.
Од друга страна, потешко е да се процени капацитетот на Иран за напад на Израел. Хезболах најверојатно има околу 120.000 проектили во Либан, кои се повеќе од доволно за да ја „преплават“ израелската Железна купола и другите одбранбени системи. Тие се поставени во околу 200 шиитски села во јужниот дел на Либан. Поради тоа, за израелската војска е многу тешко да ги нападне ракетните лансери без притоа да убие голем број шиитски цивили, кои се голем човечки штит.
Но, ако Израел ги оцени проектилите како егзистенцијална закана, тогаш ќе го бомбардира Либан и „ќе го врати во камена доба“, како што се закани израелскиот министер за транспорт Израел Катц во февруари. Жртвите би можеле да се бројат во десетици илјади. Хезболах е сојузник на Иран и во најголем дел негова креација, но израелскиот противнапад може да значи крај за шиитската заедница во Либан, и тоа со катастрофален број жртви.
Во текот на Либанската војна во 2006 година, израелската влада на Ехуд Олмерт не беше подготвена за копнени борби со Хезболах, а израелскиот недостаток на теренот ја поткопа позицијата на израелските поддржувачи во администрацијата на Буш. Израелскиот неуспех да го отстрани Хезболах беше важен фактор за оставката на секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд и изолирањето на потпретседателот Дик Чејни.
Израел научи дека добива поддршка и почит од САД кога се бори за да победи. Со значајно произраелската администрација во Вашингтон, Израел ништо нема да го задржи во Либан, а Хезболах го знае тоа. Израелската закана е многу веродостојна.
Истовремено, Иран има голем арсенал на проектили со долг и среден дострел, кои може да го погодат Израел, но не е познато колку проектили поседува и колку се ранливи на израелски ракетен напад. Израелската Железна купола се покажа многу подобро отколку што надворешните набљудувачи проценуваа во војната во Газа во 2014 година.
Во евентуален конфликт израелските авиони ќе го контролираат небото над Иран и најверојатно Саудиска Арабија ќе му дозволи на Израел да го користи нејзиниот воздушен простор за полнење со гориво на авионите. Ако Израел ја ограничи штетата од иранските проектили и го одврати Хезболах, тогаш ќе биде во позиција да се осигури дека Иран нема да може да води нова војна барем за една генерација. Иран е една од најбрзостаречките земји во светот, и можно е да не закрепне од уништувањето на неговата инфраструктура.
„Нејшнл интерест“ наведува дека Иран презеде значајни напори за распоредување проектили во Сирија и наводно загуби околу 200 проектили минатиот месец, кога израелски авиони употребија противбункерски бомби за уништување на иранската база. Тоа силно сугерира дека е ограничен иранскиот капацитет за напад на Израел со проектили со среден и голем дострел. Сепак, Израел не може однапред да знае дали Иран може да ја преплави израелската противракетна одбрана, и би можел да претрпи големи загуби доколку Иран успее да ги уништи рафинериите во Хаифа или нафтените складишта во Ашкелон. Во таков случај, би била предизвикана голема еколошка штета и голем број човечки жртви.
Затоа, Израел нема да ризикува војна, освен ако не е соочен со директна егзистенцијална закана, а Иран тешко да претставува таква закана. Иранската стратегија се фокусира на изградба на капацитети во Сирија за напад на Израел преку „посредници“. И покрај одлуката на САД за повлекување од иранскиот нуклеарен договор, малку е веројатно исходот да биде голема, директна војна помеѓу Иран и Израел. Израел најверојатно ќе продолжи да ги напаѓа и уништува иранските сили, позиции и инсталации во Сирија, заклучува „Нејшнл интерест“.
Москва: Израелски авиони истрелале 60 ракети
Околу 28 израелски летала истрелале 60 ракети врз повеќе цели во Сирија, соопшти руското министерство за одбрана.
– 28 израелски авиони „ф-15“ и „ф-16“ учествувале во нападите. Сириските системи соборија повеќе од половина од тие ракети – наведува руското министерство.
Цел на нападите беа ирански воени бази и сириски системи за противвоздушна одбрана во близината на Дамаск и во јужниот дел на земјата, пренесува Б92.
Асад: Трета светска војна нема да почне од Сирија
Единствената мисија што САД ја спроведуваат во Сирија е поддршка на терористите, без оглед на нивните имиња или имињата на нивните фракции, изјави сирискиот претседател Башар ал Асад во интервју за „Катимерини“.
– Единствена завршена американска мисија во Сирија беше кога ѝ помогнаа на т.н. Исламска држава да побегне од Рака, што е забележано на видеоснимка. Лидерите на ИД побегнаа од Рака кон Деир ез Зор за да се борат против сириската војска. Втора завршена мисија беше кога стрелаа во припадници на сириската војска кон крајот на 2016 година во Деир ез Зор, кога беа опколени од припадници на ИД – порача Асад.
На прашањето дали е загрижен дека трета светска војна би можела да почне во Сирија, Асад одговори одречно.
– Русија нема да дозволи трета светска војна поради својата политичка мудрост – додаде сирискиот лидер.