Бројни теории на заговор поврзани со убиството на сенаторот Роберт Ф. Кенеди уште се актуелни и по 50 години од атентатот, со што синот на убиениот американски политичар смета оти имало и втор вооружен напаѓач, пренесува „Лос Анџелес тајмс“.
Тогаш 24-годишниот палестински мигрант Сирхан Сирхан беше уапсен и осуден за убиството на претседателскиот кандидат Кенеди, во хотелот „Амбасадор“, неколку минути по полноќ на 5 јуни 1968 година.
Новите докази сугерираат дека имало најмногу 13 испукани куршуми, додека пиштолот пронајден кај Сирхан имал осум куршуми, а постојат и несогласувања меѓу експертите околу тоа дали куршумите се испукани од истиот пиштол.
Роберт Кенеди помладиот, во неодамнешно интервју истакна дека спровел сопствено истражување според кое верува дека имало и втор атентатор, со што бара нова истрага за случајот. Синот на убиениот политичар откри и дека го посетил Сирхан во затворот во Сан Диего во декември минатата година.
– Дојде време кога сметав дека треба да се сретнам со Сирхан. Отидов таму бидејќи бев љубопитен, но и вознемирен, поради новите докази. Бев вознемирен бидејќи е можно погрешен човек да е осуден за убиството на мојот татко. Мислам дека и татко ми, исто така, би бил вознемирен доколку некој е во затвор за злосторство што не го починил – кажа Кенеди, не откривајќи ги деталите од разговорот со осудениот убиец.
Сенаторот Кенеди беше убиен по одржаниот говор во хотелот „Амбасадор“, кога се поздравуваше со вработените во кујната на хотелот, при што беше застрелан од зад грб. При нападот беа повредени уште пет лица. Сирхан го призна убиството, но аутопсијата покажа дека Палестинецот стоел пред Кенеди кога се случил атентатот, што беше повод за разни шпекулации и теории на заговор.
Пол Шрејд кој беше ранет во атентатот го убедил Кенеди помладиот да ги преиспита доказите, во врска со тврдењата дека имало и втор атентатор.
– Кога Шрејд ми ги покажа извештајот од аутопсијата, помислив дека не треба да ја исклучам таквата можност, што првично имав намера да го сторам – објаснува Кенеди.
Од друга страна, Расел Лангерич, кој беше заменик државен обвинител во Калифорнија при повторно отворање на случајот за убиството на Кенеди во периодот помеѓу 1975 и 1976 година, смета дека тврдењата на синот на сенаторот се неосновани.
Мистерија за атентатот на Кенеди е особено актуелна во јавноста во САД, во пресрет на 50-годишнината од убиството.