Мистериозното враќање на Карлос Гон во Бејрут наиде на измешани реакции во Либан кој е зафатен со протести и политичка криза, пишува „Форин полиси“. Некогашниот директор на автокомпанијата „Нисан“ е добро примен од либанската политичка елита, со што тој, наводно, се сретнал и со претседателот Мишел Аун, откако изненадно пристигна во Бејрут на 30 декември. Но, Гон не наиде на толку топол прием од страна на Либанците, меѓу кои многумина се прашуваат дали на државата, зафатена од протести против политичката елита и корупцијата, и е потребен човек обвинет за кражба на милиони долари.
По апсењето на Гон поради обвиненијата за лажно пријавување на приходи и изнесување на пари од „Нисан“ заради личен профит, во Либан се појавија билборди со пораката „Сите ние сме Карлос Гон“. Многумина во државата ја следеа неговата успешна приказна, во која Гон стана светски познат по носењето на профит на компаниите што претходно се наоѓале во проблеми.
Враќањето на Гон во Либан ги поттикна повиците за негово преземање на улога за спас на државата која се соочува со економска и енергетска криза. Некогашниот титан на автомобилската индустрија е познат под прекарот „убиец на трошоци“, поради заштедите што ги носеше во компаниите во кои беше извршен директор.
Дел од либанската јавност смета дека тој треба да биде следниот министер за енергетика, а многумина велат дека би гласале за Гон доколку се кандидира за политичка функција. Либанците сметаат дека обвиненијата против бизнисменот се преувеличени.
– Јас не сум политичар, ниту имам политичка амбиција, но подготвен сум, доколку ми побараат, да ја искористам својата стручност за да и помогнам на државата – кажа Гон на прес-конференцијата одржана во Бејрут во средата.
Но одреден дел од јавноста во азиската држава нема добро мислење за Гон што може да се забележи за време на уличните протести каде што се извикуваше паролата „Карлос Гон е крадец“.
Гон, пак, се надева дека доаѓањето во Либан ќе ги олесни неговите правни проблеми. Тој беше повикан на испрашување од државниот обвинител, во четвртокот. Либан побара од Јапонија доставување на документи за обвиненијата против Гон, но јасно е дека нема планови за негова екстрадиција, и покрај изнадената црвена потерница на Интерпол за негово апсење. Либанските власти му изрекоа на бизнисменот и забрана за патување.
Некогашниот директор на „Нисан“ избега од Јапонија во Либан, тврејќи дека е невин во однос на обвинувањата за лажно пријавување на приход и за користење на парите на компанијата за личен профит. Тој ги обвини јапонските обвинители и власти, како и компанијата „Нисан“ за ковање на заговор за негово соборување, инсистирајќи дека ќе го обели својот образ.