Меркел за ситуацијата во Авганистан
Минуваме низ тешки часови, сега треба да се концентрираме на спасување на луѓето, рече германската канцеларка Ангела Меркел во врска со ситуацијата во Авганистан.
На седницата на претседателството на нејзината Христијанско -демократска унија (ЦДУ), Меркел посочи дека ситуацијата на аеродромот во Кабул покажува дека безбедноста е можна само со американски војници.
Канцеларката нагласи дека одлуката за повлекување од Авганистан ја донеле Американците.
Таа посочи дека одлуката е донесена од внатрешно-политички причини.
– Имаше домино-ефект по повлекувањето на силите – рече Меркел во својата прва изјава поврзана со ситуацијата во Авганистан.
Таа се осврна и на можниот бран бегалци од Авганистан, додавајќи дека сега зависи од Талибанците и ситуацијата на границите дали Авганистанците ќе можат да ја напуштат својата земја.
Таа нагласи дека е во интерес на Германија, Авганистанците да се снабдуваат на лице место и посочи на потребата од тесна соработка со Турција.
Германија можеби ќе треба да евакуира дури 10.000 луѓе од Авганистан, изјави денеска германската канцеларка, Ангела Меркел.
Меркел ова го кажала обраќајќи им се на колегите од нејзината Христијанско -демократска унија (ЦДУ), соопштија извори од партијата.
Меѓу оние што можеби ќе треба да бидат евакуирани се 2.500 припадници на авганистански помошен персонал, како и активисти за човекови права, адвокати и други за кои владата во Берлин смета дека се во опасност доколку останат во Авганистан откако талибанците го окупираа Кабул, пренесува „Ројтерс“.
Меркел рече дека Германија треба да соработува со земјите што граничат со Авганистан, со цел да ги поддржи оние кои во моментов бегаат од таа земја.
– Оваа тема ќе биде актуелна долго време – рекла Меркел, а пренесуваат извори од партијата.