Британските власти пресретнале 36 мигранти при обидот да го преминат каналот Ламанш со мали чамци.
Крајбрежната стража и пограничните единици соопштија дека мигрантите биле запрени во три одделни акции додека се обидувале да стигнат до бреговите на Англија.
Во првата акција биле приведени 11 мажи, кои тврделе дека се Иранци и Ирачани. Тие биле префрлени во градот Довер на медицинска помош и сослушување.
Во втората акција бил стопиран помал брод со 15 Ирачани – мажи, жени и деца, а во третата биле приведени девет мажи и една жена од Иран.
Британските официјални лица постојано ги предупредуваат мигрантите за опасностите при обидот да го преминат Ламанш со помали бродови.
Преминување на Ламанш во помали пловни објекти, како што се гумени чамци, најчесто користени од мигрантите, е опасно поради густиот поморски сообраќај, силните струи и ниските температури на водата.